АХВ Македонија: На нашиот пазар нема небезбедни минерални води и газирани пијалоци

Агенцијата за храна и ветеринарство досега преку Европскиот систем за брзо пријавување на небезбедна храна и добиточна храна – РАССФ нема добиено известување дека на пазарот на РСМ се пуштени небезбедни минерални води и газирани пијалоци.

АХВ денеска преку соопштение информира дека се зајакнати инспекциските контроли при увоз на храна од оваа земја.

„Како институција одговорна за безбедност на храната, АХВ ја следи состојбата со случаи на труење со газирани пијалоци и минерална вода во Република Хрватска. Засилени се инспекциските контроли при увозот на храна од оваа земја, а доколку се појави потреба навреме ќе се преземат неопходните мерки за заштита на граѓаните од овој вид небезбедни производи“, се вели во соопштението на АХВ.

Во Хрватска, според пишувањата на медиумите, четири лица се хоспитализирани поради труење со газирани пијалоци. Три лица завршија во болница во Загреб, додека едно во Риека. Земени се примероци и испратени на дополнителна анализа. Во Риека, 19-годишен маж завршил во болница со повреди на хранопроводот и стомакот откако конзумирал безалкохолни пијалоци во ресторан.

Хрватските медиуми го споменуваат и случајот со момчето во Крапина, кое пред неколку недели заврши во болница откако конзумирало сок од јаболко, и со маж во Пуле, чиј хранопровод е тешко повреден откако конзумирал минерална вода во ресторан во Риека.