Ајн Ал Асад одбранет, но има ранети: Нови детали за ракетниот напад на американската воена база

Американскиот персонал претрпе полесни повреди, а припадник на ирачките безбедносни сили беше тешко ранет во нападот врз ирачката воздухопловна база Аин ал Асад во саботата, изјави американски официјален претставник, цитирајќи првични проценки кои се предмет на промена.

Најмалку десетина проектили биле истрелани врз воена база што ја користат коалициските сили предводени од САД во западен Ирак, изјавија за АФП извор од американската одбрана и ирачката полиција.

– Воздухопловната база Ал Асад беше цел на 15 ракети истрелани од провинцијата Анбар, каде што се наоѓа воената база –  изјави за AFP претставник на ирачката полиција од регионот, кој сакаше да остане анонимен.

Тој рече дека 13 проектили биле соборени од противвоздушна одбрана, но дека „две паднале врз воздухопловната база“.

Претставник на американската одбрана, кој исто така побара анонимност, потврди дека „ракети ја погодиле воздушната база Ал Асад“ , додавајќи дека во тек е заедничка проценка на штетата со коалицијата и ирачките сили.

Американски официјален претставник изјави дека првичните извештаи укажуваат дека еден член на ирачките безбедносни сили е тешко повреден.  Нападот на воздухопловната база доаѓа во време на зголемени тензии на Блискиот Исток по избувнувањето на војната меѓу Израел и Хамас на 7 октомври.

Во саботата, пет членови на иранскиот корпус на гардата на исламската револуција беа убиени во напад во Дамаск за кој Техеран го обвини Израел, заканувајќи се со одмазда.

Самиот Иран во понеделникот навечер изврши смртоносен напад врз автономниот регион Курдистан во северен Ирак, велејќи дека цел бил локација што ја користат „шпиони на ционистичкиот режим (Мосад)“.  Од средината на октомври, имаше десетици напади врз американските и коалициските сили во Ирак и Сирија, кои се распоредени таму за да се борат против екстремистите на ИСИС.

Исламскиот отпор во Ирак, лабава алијанса на вооружени групи поврзани со Иран, кои се противат на американската поддршка за Израел во војната во Газа, ја презеде одговорноста за повеќето од нападите. Вашингтон во неколку наврати започна со свои напади како одмазда. Во Ирак има околу 2.500 американски војници, а во Сирија околу 900.