Балканот е демографската црна дупка на Европа: Нашите земји умираат, Македонија на прво место

Земјите на Балканскиот Полуостров умираат. Тоа е речиси специфичен балкански проблем, бидејќи повеќето други земји бележат раст или стагнација на населението, со неколку исклучоци. „Демографскиот пад на Хрватска е прилично добро познат факт, но всушност е проблем за сите земји на Балканскиот Полуостров“, пишува Index.hr.

Проблемите на земјите од Западна и Северна Европа се поврзани пред сè со малиот број раѓања по жена, т.е. со стапката на фертилитет, но силата на економијата и релативно високиот стандард се привлечни за луѓето од посиромашните земји во Европа, како и од многу сиромашните земји на Блискиот Исток и Африка.

Земјите од Југоисточна Европа се соочуваат со два негативни демографски трендови, па затоа многу повеќе страдаат поради демографските промени кои се карактеристични за фазата на демографска транзиција во која се наоѓаат. Тоа е период на опаѓање на бројот на раѓања со зголемување на уделот на постарата популација поради зголемениот животен век.

Освен проблемот со ниската плодност, го имаат и проблемот со иселувањето. Мнозинството млади и образовани луѓе се иселуваат, што ја отежнува идната демографска и економска состојба, затоа што заминуваат оние кои треба да бидат носители на демографската и економската обнова во иднина.

Балканот е демографската црна дупка на Европа

Според податоците на статистичката агенција Еуростат, земјите од Југоисточна Европа забрзано умираат. Меѓу шесте земји со најголемо намалување на населението меѓу 2012 и 2022 година, само една не се наоѓа во Југоисточна Европа, а тоа е Летонија.

Најголем пад на населението доживеа Северна Македонија, која во 2022 година имаше 11 отсто помалку жители отколку во 2012 година. Хрватска загуби 9,66 отсто од своите жители, а Бугарија 9,07 отсто. Грубо кажано, за само десет години, тие три земји го загубија секој десетти жител .

После тоа, најлоша е состојбата во Србија, со загуба од 7,68 отсто од населението.

Во однос на БиХ, треба да се нагласи дека демографските податоци од неа се крајно неверодостојни, а последниот попис на населението беше во 2013 година. Тоа беше единствениот попис на населението од крајот на војната, а неговите резултати не ги прифаќа ниту Република Српска. Всушност, никој не го знае точниот број на луѓе кои живеат во Босна и Херцеговина, а многумина се регистрирани иако живеат таму само мал дел од годината.

Земјите од Југоисточна Европа губат милиони луѓе

Во апсолутни бројки, Романија загубила најмногу население од 2012 до 2022 година, која по десет години имала милион жители помалку. Тоа е пад од 5 проценти, многу помалку од државите со најлоша демографска изумреност.

Полска загуби 859 илјади жители, но бидејќи земјата имаше 38 милиони жители во 2012 година, тоа претставува пад од 2,26 отсто. Бугарија загуби 626,5 илјади жители, речиси секој десетти (-9,07 отсто).

Во 2022 година Грција имала 608 илјади жители помалку од 2012 година (-5,51 отсто), Србија 554 илјади (-7,68 отсто), а Италија 526 илјади (-0,88 отсто).

Во апсолутна смисла, Хрватска има седми најголем пад на населението меѓу набљудуваните европски земји, 412,4 илјади. Со оглед на нејзината големина и население, ова е голема бројка, поради што процентуално спаѓа во втората најпогодена земја со пад од 9,66 отсто.