Баножиќ првпат проговори по несреќата: „Лично го познавав Горан“

Поранешниот министер за одбрана Марио Баножиќ, кој се лекуваше во КБЦ Осиек поради повредите здобиени во сообраќајната несреќа што ја предизвика, денеска е пуштен од болница на домашно лекување.

Управата на КБЦ извести дека здравствената состојба на Баножиќ е подобрена и дека тој добро закрепнува од повредите.

Затоа по направените прегледи и анализи тој денеска е пуштен на домашно лекување со препорака за понатамошна контрола и специјалистички надзор на неговата здравствена состојба, истакнаа од КБЦ Осиек.

Баножиќ на 11 ноември предизвика тешка сообраќајна несреќа кај Винковци, во која загина возачот на комбе Горан Шариќ. Тој се здобил со повеќе повреди на телото, мозокот, градниот кош и екстремитетите, па по несреќата прво бил хоспитализиран во болницата во Винковац, но поради тежината на повредите бил пренесен во болницата во Осиек. Најпрвин бил сместен на одделението за интензивна нега, а откако му се подобрила здравствената состојба бил префрлен на Клиниката за неврохирургија, пренесува Index.hr.

По таа несреќа, премиерот Андреј Пленковиќ го разреши Баножиќ од должноста министер за одбрана, а за нов министер и вицепремиер го предложи префектот Осиек-Барања Иван Анушиќ, кој беше потврден во хрватскиот парламент на 16 ноември.

Баножиќ: Го познавав Горан

Баножиќ се огласи за несреќата на Фејсбук.

„Вака сакам да ја информирам јавноста дека денеска по две недели поминати во болница бев пуштен на домашно лекување. Затоа, за прв пат имам можност да се навратам на трагичната сообраќајна несреќа што се случи на 11 ноември 2023 година кај Винковци. Најпрво сакам да изразам најдлабоко сочувство до семејството на починатиот Горан Шариќ. Моите мисли во изминатите денови се насочени кон неговата сопруга, ќерките и целото семејство и сите негови познаници, поради непоправливата загуба на Горан Шариќ, кого лично го познавав.

Во овие тешки моменти сакам да изразам искрено жалење до целата хрватска јавност за несреќата во која за жал загина еден човечки живот.

Сакам да им се заблагодарам на здравствените работници од Општата жупанска болница во Винковци и КБЦ Осиек кои ми пружија медицинска помош и ми помогнаа да се опоравам од повредите здобиени во несреќата. Благодарен сум и на сите кои застанаа покрај моето семејство во овие тешки моменти, особено на мојата сопруга и децата, како и на бројните пријатели, колеги и соработници кои нè поддржаа.

Премиерот ме информираше за разрешувањето од функцијата министер за одбрана, што според околностите го сметам за правилен потег. Му благодарам на премиерот за довербата и честа што ми беше дадена да и служам на Хрватска, што се обидов да го направам во најдобар интерес на земјата. Им благодарам и на колегите членови на Владата за соработката во изминатите четири и пол години.

На сите им посакувам многу среќа и успех во нивната понатамошна работа во корист на нашите сограѓани. Додека бев министер за одбрана, посветено работев на зајакнување на одбранбените капацитети на Хрватска и подобрување на положбата на хрватските војници. На новиот вицепремиер и министер за одбрана Иван Анушиќ, како и на сите колеги во Министерството за одбрана им посакувам многу успех во понатамошната работа“, напиша Баножиќ.