Барселона обезбеди 1.6 милијарди евра за реконструкција на „Камп Ноу“

– Шпанскиот фудбалски гигант Барселона објави денеска дека обезбеди 1.6 милијарди евра за реконструкција на својот стадион „Камп Ноу“ која ќе почне на 1 јуни.

Со реконструкцијата капацитетот на стадионот ќе се зголеми од 99.300 на 105.000 седишта.

Клубот во соопштение прецизираше дека парите ги уплатиле 20 различни инвеститори, на кои ќе им бидат вратени во различни рокови – од пет до 24 години.

Од вкупната сума предвидено е 420 милиони евра да се потрошат за реконструкција на „Палау Блауграна“, која е дом на кошаркарскиот и ракометниот клуб, а 20 милиони евра се наменети за стадионот „Јохан Кројф“ на кој своите натпревари ги играат резервниот и женскиот тим на Барселона.

Во клубот очекуваат градежните работи да завршат до 2026 година, а првиот тим на Барселона додека трае реновирањето своите натпревари ќе ги игра на Олимпискиот стадион, додека на „Камп Ноу“ ќе се врати во сезоната 2024/25, кога стадионот тогаш нема да биде во полн капацитет.