Бајден: Дополнителната воена помош за Израел е „на пат“

 – Дополнителната американска помош за израелската војска е „на пат“, му кажа претседателот Џо Бајден на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вчера во екот на обновените тензии со Палестина.

Борбите меѓу Израел и Хамас продолжуваат откако Израел прогласи воена состојба.

Во саботата Хамас го започна својот најголем напад врз Израел во последните децении, истрелувајќи илјадници ракети и заробувајќи многу Израелци. Се вели дека акцијата е одговор на упадот во џамијата „Ал Акса“ и зголеменото насилство од страна на еврејските доселеници.

Како одмазда, израелската војска започна сопствена операција против Хамас во Појасот Газа, при што досега се пријавени како загинати најмалку 700 Израелци и 370 Палестинци.

Американскиот претседател, кој исто така разговараше со Нетанјаху во саботата, го информираше за интензивниот дипломатски ангажман што САД го презедоа во изминатите 24 часа за поддршка на Израел, се вели во соопштението на Белата куќа.

„Претседателот, исто така, пренесе дека дополнителната помош за израелските одбранбени сили сега е на пат за Израел и дека ќе следи повеќе во наредните денови“, се наведува во соопштението.

Претходно истиот ден Бајден му ја даде својата поддршка на Тел Авив, велејќи:

„САД стојат со Израел. Никогаш нема да пропуштиме да им го чуваме грбот.“

Шефот на Пентагон најави распоредување на морнарички бродови и воени авиони во близина на Израел како знак на поддршка.

„Го насочив ‘УСС Џералд Р. Форд’ кон Источен Медитеран“, рече американскиот секретар за одбрана, Лојд Остин.

Повикувајќи се на официјални претставници запознаени со планирањето, Ен-би-си њуз објави дека распоредувањето може да започне веднаш, иако целосното позиционирање на средствата, особено на бродовите, се очекува да потрае неколку дена.