– Американскиот претседател Џо Бајден испраќа неколку високи воени офицери во Израел за советување на израелската војска за операциите во Газа, потврди Белата куќa.
„Она што можам да ви го кажам е дека неколку релевантни воени офицери со искуства, за кои веруваме дека се соодветни за видот операции што Израел ги спроведува и може да ги спроведе во иднина, одат таму за да споделат одредени видувања од своето сопствено искуство и да ги постават тешките прашања“, изјави портпаролот на Советот за национална безбедност, Џон Кирби, за новинарите на брифингот во Белата куќа.
„Истите тешки прашања што им ги поставуваме на нашите израелски колеги уште од почетокот“, додаде тој.
Претходно американската веб-страница „Аксиос“ објави дека Бајден го избрал маринецот, генерал-полковник Џејмс Глин, познат по неговата инволвираност во специјалните операции на маринците во борбата против ДЕАШ во Ирак, заедно со други високи претставници да ја советуваат израелската војска.
Потврдата дојде поради наводите дека Израел се подготвува за копнена операција во Газа.
Во меѓувреме, вчера израелското армиско радио соопшти дека Тел Авив одлучил да ја одложи копнената операција во Газа во очекување на пристигнувањето на дополнителни американски сили во регионот.
Конфликтот во Газа, која е под израелско бомбардирање и блокада од 7 октомври, започна кога Хамас ја почна операцијата „Поплава Ал Акса“, повеќестран ненадеен напад со низа лансирања на ракети и инфилтрирање во Израел по копно, море и воздух. Се наведува дека операцијата е одмазда за упадите во џамијата „Ал Акса“ и зголеменото насилство од страна на еврејските доселеници врз Палестинците.
Израелската армија продолжи со интензивните воздушни напади врз Газа, во кои уништи цели населби.
Бројот на загинати Палестинци од почетокот на израелските воздушни напади врз Појасот Газа се искачи на 5.087, соопшти вчера Министерството за здравство во блокираната енклава.