Бајден: Односите меѓу САД и Кина се на вистинската патека по посетата на Блинкен

 – Односите меѓу Соединетите Американски Држави (САД) и Кина се на „вистинската патека“ по посетата на државниот секретар Ентони Блинкен на Пекинг, изјави американскиот претседател Џо Бајден.

За време на посетата на американската сојузна држава Калифорнија за најава за финансирање од милиони долари за активности за отпорност во однос на климата, Бајден одговараше на прашањата на новинарите истакнувајќи дека Блинкен постигнал напредок во неговата дводневна посета на Кина, која заврши вчера.

„Мислам дека сме на патеката да се осигуриме дека ќе можеме да ги направиме и двете, да имаме побезбеден свет бидејќи Америка се ангажира на начин како што не се ангажирала во минатото… како и да се осигуриме дека имаме економија од која имаат корист сите“, рече тој.

Поддржувајќи ги напорите на Блинкен, Бајден истакна дека направил добра работа.

САД и Кина се согласија да ги стабилизираат своите односи и да ги задржат отворени комуникациски канали, со цел да избегнат конфликт меѓу двете нации.

Блинкен е највисок американски претставник што го посетил кинескиот главен град во последните пет години. Во рамките на својата посета тој се сретна со претседателот Кси Ѓинпинг и со други високи кинески претставници.

Односите меѓу САД и Кина се влошија за време на администрацијата на Трамп поради трговската војна и оттогаш останаа затегнати поради наметливите тврдења на Пекинг за Тајван и наводниот кинески шпионски балон над САД.