Бајден смета дека кинескиот балон не бил голема безбедносна закана за САД

Американскиот претседател Џозеф Бајден денеска изјави дека кинескиот балон, за кој Вашингтон смета дека е шпионски, не бил голема безбедносна закана за Америка.

Бајден за американската мрежа Телемундо изјави дека не жали за начинот на кој се справил со ситуацијата со балонот, кој првпат беше откриен над западниот дел на САД, за да биде соборен над Атлантскиот Океан откако ја прелета целата територија на земјата.

Некои членови на американскиот Конгрес го критикуваа Бајден дека не го уништил балонот порано.

– Тоа не е голем (безбедносен) пробив, рече Бајден, додавајќи дека тоа секако е „кршење на меѓународното право“.

– Тоа е наш воздушен простор. И штом ќе влезе во нашиот простор, можеме да правиме што сакаме со него, додаде американскиот претседател.

Според него, американската војска била загрижена дека уништувањето на објектот над континенталниот дел на САД може да го загрози населението.

– Нивната одлука беше мудра. Тие го соборија над вода, ги собраа повеќето остатоци и тие се добри, рече Бајден.