Безбедносен форум во Охрид: “Војната во Украина дополнителен притисок врз безбедносната ситуација на Западниот Балкан“

Теми од областа на безбедносната и регионалната соработка, со прашања од областа на критичната инфраструктура, геополитичката ситуација и како таа се имплицира врз регионот, секако и од аспект на ситуацијата околу Украина, ќе бидат дискутирани и разгледувани на регионалниот Безбедносен форум – „Улогата на НАТО во проектирањето на стабилноста на Западниот Балкан“ што во организација на НАТО – Маршал алумни организацијата од денеска се одржува во Охрид.  

Оценка на учесниците на работилницата, меѓу кои професори од САД, од НАТО-колеџот во Рим, професори, експерти и дипломати од областа безбедноста од балканските држави и ЕУ е дека настаните во Украина и надворешната пропаганда претставуваат дополнителен притисок врз просторот на Балканот, регион што веќе го носи епитетот политички нестабилно подрачје.

Нерешената ситуација околу статусот и внатрешната стабилност на Босна и Херцеговина, потоа односите на релација Белград – Приштина, влијанијата врз внатрешните работи во Црна Гора со слабите институции, поделеноста на безбедносниот сектор во земјата, познатиот став на Бугарија кон Македонија, за експертите претставуваат прашања што дополнително го прават регионот ранлив и подложен на надворешни влијанија за остварување некакви интереси.

Мехмедин Тахировиќ

Ситуацијата на Балканот во многу ќе зависи од исходот од кризата во Украина. Доколку Русија успее во Украина тоа нема да е добро по Западен Балкан оттаму што тоа ќе создаде нови апетити, Србија паритетно на Русија незадоволна од губењето територии може да покрене слична постапка…Од друга страна, ако Русија не победи ќе има обиди да се дестабилизира Западниот Балкан и на тој начин да се наштети на ЕУ и роцесот на интеграција на регионот во Унијата“, процени професорот Мехмедин Тахировиќ од Црна Гора.

Според него, она што е симптоматично за регионот е дека времето покажува оти проблемите не се решаваат.

Дали има некакви други намери за прекомпозиции на Балканот за кои сме зборувале и што Јанша ги соопшти, тоа ќе видиме. Времето покажува дека работите на Балканот не се решаваат. Клучното прашање е зошто. Ние сме во НАТО, и Северна Маедонија и Црна Гора, кандидати сме за ЕУ, а проблемите не се решаваат. Сметам дека се чека на безбедносно решение по однос нерешените територијални прашања, а дури потоа ќе се овозможи на земјите од Западен Балкан напредок во евроинтегративниот процес. На крајот сето тоа ќе зависи од исходнот на војната меѓу Русија и Украина, дали регионот ќе биде во втор или во прв план“, вели професорот Мехмедин Тахировиќ.   

Професорот Методи Хаџи-Јанев цени дека безбедносната ситуација во регионот се движи во сите можни насоки, а внатрешните проблеми во земјите од регионот стануваат основен апатет за оние што сакаат да ги искористат во надворешен план.

Во геостратешката компетиција, таквите слабости се мултиплицираат и се вртат против безбедносниот систем, така да сите негативните страни во општеството како корупцијата, лошото владеење, неееднаквоста, немањето единство, се извори што можат да бидат искористени за постигнување цели спротивни на интересите на државата и граѓаните“, вели тој.

Кога се работи за актуелното прашање за уставни промени во Северна Македонија, професорот посочи на непостоењето кохезивност на внатрешен план чие отсуство, според него, секогаш ќе генерира нестабилност на безбедносен план.

Се додека не постигнеме единственост на внатрешен план ќе бидеме ранливи…Со влегување во ЕУ факт е дека ни се отвараат можности што не се ги имале, но треба да размислиме и дали сето тоа всушност е причината за ние што треба да го направиме за да влеземе во ЕУ. Мислам дека на граѓаните им требаат европските вредности – да нема корупција, добро вледеење на правото, да постои систем на вредности, ние имаме инверзија на вредности…Има земји како Бугарија и Романија и некои други земји кои се во ЕУ, а каде корупцијата цвета и каде имаат сеиозни проблеми…Џабе и да сте во ЕУ ако имате проблеми со лошо лидерство проблемите остануваат. Тоа не се однесува на едни или други, тоа се однесува на сите триесет годии наназад“, вели Методи Хаџи-Јанев.

Заменик-амбасадорот на Германија, Ото Граф, потсети на веќе познатиот став на Берлин дека останува на линијата за целосно интегрирање на Западен Балкан во ЕУ. Како што кажа, војната во Украина секако носи соодветни политички последици по сите, по регионот, секако и по Северна Македонија. Според него, јасната позиција на Македонија и поддршката на Украина бездруго ја зајакнува позицијата на земјата во контекстот на НАТО.

Ото Граф

Кога станува збор за прашањето за уставни измени во земјава, германскиот дипомат вели дека е свесен за сложеноста на ситуацијата и емоционалната компоненета на прашањето.

Сме виделе во минатото и други држави да имаат потешкотии какви што сега има Северна Македонија. Разбираме дека е тешко кога треба да се разговара за националниот идентитет. Низ такви потешкотии поминале и други држави кои сега се членки на ЕУ. Но, сите тие држави потоа започнале нов чекор и во односите со соседите. На тој процес треба да се гледа не само статички туку и на динамичен чекор, треба да знаете каде одите и зошто го правите тоа“, вели тој, нагласувајќи дека останува на самата држава, конкретно на Парламентот да реши дали ќе ги донесе уставните измени.

Гледано прагматички, забележа тој, со внесувањето на Бугарите во Уставот станува јасно дека тие се посебен ентитет односно дека тие не се Македонци.

На собирот во Охрид, меѓу другото, авторитетите од областа на безбедноста на податоците од регионалниот Совет за соработка во регионот со седиште во Сараево, ќе дискутираат за соработката во однос на заштитата на податоците, со акцент на важноста на прашањето во регионалната соработка, како дел од пакетот што се однесува на критичната инфраструктура.