Бектеши: Не ја оспоруваме таксата од Бугарија, бараме да ги ослободат количините за нашиот гасовод

Ако воведуваат такса за „Газпром“, како што вели министерот за финансии на Бугарија, тогаш нека ги укинат и количините што им ги обезбедиле со децении, порача денеска министерот за економија Крешник Бектеши.

На новинарско прашање тој наведе дека „не би сакал да коментира изјави на министри од други држави кои најверојатно имаат внатрешни проблеми“, но дека „прво и основно министерот за финансии на Бугарија треба да знае дека ние не ја оспоруваме таксата која ја вовеле, туку количините што тие ги загарантирале за Газпром во однос на гасоводот со Република Македонија“, што, потенцираше, се две различни работи.

“Количините кои ги закупил „Газпром“ од бугарската страна до 2030 година немаат врска со воведување на таксата. Претходната година со помош на нашите стратешки партнери, особено САД, ослободивме одредени количини, околу 180 милиони нормални метри кубни, но нашата потрошувачка е 400 милиони. Затоа бараме да се ослободат количините за да можеме да се снабдуваме од други извори како што се снабдуваме за овие 180 милиони нормални метри кубни со азербејџански гас и со ЛНГ што доаѓа од САД. Значи, министерот за финансии зборува за финансискиот аспект и за воведување тарифи и такси, не зборува за процедурални работи и обврски што ги има Република Бугарија кон Европската комисија во делот на издавање на тие закупи преку аукции. Тоа е работа на „Булгартранзгас“ и Министерството за енергетика во Бугарија. Тие треба прво и основно да се консултираат меѓу себе и да имаат единствен став“, рече Бектеши.

Бектеши повтори дека во делот на отштетата и споровите што ние би ги отвориле ако не се ослободат капацитетите за пренос на природен гас но граничниот премин со Бугарија, имаме правна основа.

Ако воведат такса, тогаш нека ги укинат и количините што им ги обезбедиле со децении, рече Бектеши.

Мислиме дека сме уценети, рече Бектеши, со тоа што воведуваат такса за „Газпром“ што не го оспоруваме, а воедно им даваат на „Газпром“ можност да закупат преносни количини до 2030 година.