Бектеши со закана: Ако не ја поевтините храната ќе ви ја укинеме евтината струја

Цените на храната на светските берзи паѓаат десет месеци по ред и сега се пониски од лани. Во Македонија храната за една година е поскапена за скоро 28 отсто. Министерот за економија Крешник Бектеши се закани дека ќе им ја укине субвенционираната струја на прехранбените фирми кои не ги поевтиниле производите.

Ако прехранбените компании не ги намалат цените на основните прехранбени производи, ќе им ја укинеме повластената струја што ја добиваат од државниот производител ЕСМ, се закани денеска министерот за економија Крешник Бектеши.

Владата одлучи од 1 декември да им понуди неколкупати поевтина струја на фирмите кои произведуваат основни прехранбени производи со цел да се заузда големиот раст на цените. Очекувањата на владата беа дека мерката ќе придонесе за поевтинување од 10 отсто.

Бектеши рече дека намалувањето треба да се движи меѓу 7 и 12 отсто. Некои ги намалија цените, но некои не, вели тој.

„Согласно прогласената кризна состојба, одлуките може да бидат и селективни, па за тие компании кои не ги намалиле цените може селективно да не важи мерката, а за тие што ги намалиле и навистина се потрудиле да го направат максимумот да им излезат во пресрет на граѓаните и потрошувачите, за тие да продолжи“, рече денеска Бектеши.

Според него, до крајот на месецов ќе биде готов извештајот за движењето на цените откако прехранбените компании почнаа да добиваат повластена струја, по што ќе се донесе одлуката.

Горан Малишиќ од Групацијата на мелничко пекарската индустрија во Стопанската комора е уверен дека 99 проценти од фирмите во нивниот сектор ги намалиле цените во сооднос со субвенционираната електричната енергија.

„Јас немам информација дека некој не ги намалил цените, барем во мојот дел, а каде се тие што не ги намалиле, јас не знам. Некој ако ве субвенционира, треба и да вратите. Ако не, ќе ве остави на слободен пазар да плаќате поскапа електрична енергија. Тоа е взаемно, државата вложила напор да нè субвенционира и мора да намалиме во тој дел“, изјави Малишиќ.

Во индустријата за преработка на месо, пак, уште пред неколку месеци рекоа дека струјата не учествува многу во конечната цена на производот, па не може да се очекува и намалувањето да биде големо.