Белгија ја започна првата национална програма за ограничување на консумирањето алкохол

Белгија првпат започна национален план за контрола на прекумерното и штетно консумирање алкохол, соопшти белгискиот сојузен министер за здравство, јавува Анадолу.

Објавен е Интерфедерален план за алкохолот со 75 мерки, во кој се вклучени ограничувања за рекламирање, забрана за продажба на алкохол на автопатите и воспоставување програма за грижа за младите лица.

„Консумирањето алкохол влијае врз здравството, но и врз правдата, финансиите, угостителството, младите, полицијата и другите сектори. Само со заедничка работа можеме навистина да се справиме со проблемот со штетното консумирање алкохол“, рече Франк Ваденброук.

Идејата за федерален план за алкохолот се појави во 2008 година и по 15 години федералните и регионалните министри конечно постигнаа договор за план против штетното консумирање алкохол, се вели во соопштението.

Иницијативата, заснована врз препораките на Светската здравствена организација (СЗО) и Вишиот здравствен совет на Белгија, вклучува забрана на реклами за алкохол на телевизија и радио и за време на детските програми. Ќе биде забрането и рекламирање во весници и публикации за малолетници.

Во секоја реклама за алкохол ќе биде прикажана порака за здравјето заснована врз научни докази. Во меѓувреме, бесплатниот алкохол како дел од промотивни акции ќе биде забранет.

Забраната за алкохол во продавниците и бензинските пумпи покрај автопатите ќе биде воведена помеѓу 22 часот и 7 часот наутро. Се проценува дека алкохолот е причина за четвртина од сите смртни случаи на патиштата низ Европа, што го прави еден од најголемите убијци на патиштата.

Алкохолните пијалаци ќе бидат забранети за продажба во автоматите. На местата каде што се продава алкохол ќе се нуди бесплатна вода.

Владата ќе воспостави програма за грижа за младите полнолетни лица. Исто така, ќе работи со професионалци за да обезбеди грижа за луѓето на кои им е потребна итна медицинска помош поради интоксикација со алкохол, а грижата ќе биде продолжена и по нивното пуштање од болниците.

– Несреќите предизвикани од алкохол во пораст –

Во првите девет месеци од 2022 година во Белгија пријавени се вкупно 3.138 несреќи поврзани со консумирање алкохол, според „Браселс тајмс“. Од 2016 година, тоа е најголем број несреќи предизвикани од алкохол, соопшти Институтот за безбедност на патиштата „Виас“.

Според Одделот за истражување на „Статиста“, во 2021 година биле регистрирани 16.200 прекршоци поради користење алкохол.

Возењето под дејство на алкохол останува релативно високо во Белгија, ставајќи ја земјата во групата со слаби перформанси, се вели во извештајот на Европскиот совет за безбедност на сообраќајот.

Според извештајот, истражувањето во 2019 година покажало дека во Европа, околу 13,1 отсто изјавиле дека барем еднаш во изминатите 30 дена возеле со ниво на алкохол во крвта над законската граница. Во Белгија, преваленцата била највисока, „речиси двојно поголема од европскиот просек од 24,2 отсто“.