Израел со над 12.000 тони експлозив ја бомбардираше Газа, еквивалентно на нуклеарната бомба фрлена врз Хирошима

– Израел со повеќе од 12.000 тони експлозив го бомбардираше Појасот Газа од 7 октомври досега, објави вчера Канцеларијата за медиуми на палестинската енклава.

„Експлозивната сила на овие бомби е еквивалентна на нуклеарната бомба што беше фрлена врз Хирошима 1945 година во Јапонија“, соопштија од Канцеларијата за медиуми во Газа.

Во соопштението се наведува дека „во просек, со 33 тони експлозив е бомбардиран секој квадратен километар од палестинската енклава откако Израел ја започна агресијата врз Газа“.

Појасот Газа, дом на 2,3 милиони луѓе, има вкупна површина од 365 квадратни километри.

Израел ја бомбардира Газа по ненадејниот напад на Хамас на 7 октомври, ставајќи ја целата енклава под блокада, поради што 2,3 милиони жители се со малку вода, гориво и медицински материјали.

Израелската војска продолжи со своите интензивни воздушни напади врз Газа, во кои уништи цели квартови.

Во израелските напади на Газа убиени се 5.791 Палестинец, од кои 2.360 се деца, 1.292 жени и 295 стари лица.