Белгија ќе уништи околу 6 милиони застарени вакцини против КОВИД-19

– Владата на Белгија објави дека ќе уништи речиси 6 милиони дози застарени вакцини против КОВИД-19, пренесува Анадолу.

„Неколку студии покажуваат дека вакцините приспособени на подваријантите BA.4/5 се значително поефикасни од оригиналните вакцини против КОВИД-19“, рече белгискиот министер за здравство Франк Ванденбрук во здравствениот Комитет на федералниот Парламент, јави дневниот весник „Хет латсте њус“.

Ванденбрук рече дека Белгија не може повеќе да го користи вишокот оригинални, првични, вакцини и 2,6 милиони дози „Модерна“ и 3,3 милиони дози вакцини на „Фајзер“ ќе бидат уништени што е можно поскоро.

Според него, одлуката се поврзува само со тоа што се развиени нови видови вакцини.

Министерот за здравство, исто така, рече дека Белгија „нема да ги чува во замрзнувачи оние вакцини што не може да се користат ниту во земјата ниту да се донираат во странство“.