Најмалку пет Палестинци загинаа, 90 се ранети во жесток конфликт на Западниот Брег

– Најмалку пет Палестинци загинаа денеска, меѓу кои и едно 15-годишно момче, а повеќе од 90 беа ранети кога израелските војници влегоа во бегалскиот камп Џенин на окупираниот Западен Брег.

Седум израелски војници исто така се ранети, соопшти армијата.

Упадот на израелските војници со пукање од хеликоптер предизвика жесток конфликт што со години не е регистриран на Западниот Брег.

Израелската војска соопшти дека воени хеликоптери отвориле оган врз вооружени Палестинци додека безбедносните сили се обидувале да извадат оштетени воени возила од кампот.

Израелските сили ретко напаѓаат палестински екстремистички цели на Западниот Брег од воздух.

Според израелските медиуми, од втората „Интифада“ – палестинското востание против израелската окупација, немало истрели од хеликоптери на таа територија. Џенин, упориште на екстремистите, тогаш беше сцена на големи битки.

Палестинските екстремисти денеска активираа моќна бомба покрај пат и оштетија пет оклопни возила, изјави воениот портпарол потполковник Ричард Хехт.