– Белорусија денес соопшти дека се преземени „адекватни мерки за одговор“ против неодамнешните воени активности во Полска и балтичките земји, објави државната новинска агенција Белта.
„Со сигурност можам да кажам дека сите наши прогнози за активностите на НАТО-блокот и неговите поединечни членки се целосно потврдени. Се разбира, ние не седиме со скрстени раце, туку преземаме адекватни мерки за одговор“, изјави Александар Волфович, државен секретар на Белорускиот совет за безбедност.
Тензиите меѓу Белорусија, рускиот сојузник, и Полска се зголемија во последните денови, особено поради присуството на паравоената група „Вагнер“, која најде засолниште во источноевропската земја по нејзиниот краткотраен бунт против Москва во јуни.
Полската Влада вчера соопшти дека планира да распореди дополнителни 2.000 војници на границата со Белорусија и ги обвини белоруските власти за организирање илегална миграција.
Соседите на Белорусија се обидуваат да ја ескалираат ситуацијата во регионот на „секој можен начин“, изјави Волфович, тврдејќи дека се засилуваат мерките за милитаризација на Полска и балтичките земји.
Тој нагласи дека „во овие услови“ тие детално го проучуваат искуството од спроведувањето на „специјалната воена операција“ во Украина.
„Работиме на тактиките на водење модерна борба заедно со инструкторите на ПВК Вагнер [приватна воена компанија]. И ние не го криеме тоа. Сето тоа се прави исклучиво за одбранбени цели. Истото тоа се однесува и на распоредувањето на руското тактичко нуклеарно оружје во Белорусија“, додаде тој.