БЕНЈАМИН НЕТАНЈАХУ ПОПУШТИ – Примирјето меѓу Израел и Хамас ќе трае четири дена, а што следува потоа !?

Одлуката на Владата на Израел да одобри договор за размена на заложници со Хамас, што резултираше со четиридневна пауза во борбите, ги зголеми очекувањата дека тоа може да доведе до поширок прекин на огнот во Појасот Газа, пишува весникот The Telegraph.

Премиерот на ИзраелБенјамин Нетанјаху, конечно го одобри договорот откако беше притиснат од тврдокорните членови во неговата Влада да го отфрли. Тие тврдеа дека единствениот сигурен начин да се обезбеди ослободување на околу 240 луѓе заробени за време на невидениот досега напад на Хамас е целосно уништување на терористичката група. На другата страна беа семејствата на заложниците кои бараа израелската Влада да даде приоритет на нивното ослободување пред воениот императив да се уништи Хамас.

Во се се вклучи и администрацијата на претседателот на САД, Џо Бајден, која никогаш немала лесни односи со премиерот на Израел и која силно се залагаше Израел да го прифати договорот. Како главна причина наведоа дека Бенјамин Нетанјаху го губи моралниот статус поради големиот број палестински жртви. Во такви околности, тој немаше друг избор освен да го прифати договорот спонзориран од Катар.

Хамас не даде никакви индикации дека овој договор може да доведе до крај на конфликтот. Згора на тоа, веднаш по договорот, терористичката група излезе со соопштение дека – „нивните прсти остануваат на чкрапалото“. И покрај потпишувањето на договорот, според кој 50 заложници држени од Хамас ќе бидат разменети за 150 Палестинци приведени од Израел, израелската Армија нема намера да ја прекине воената офанзива.

Иако е постигнат договор, реалноста е дека договорот најверојатно нема да ја попречи израелската Влада да ја постигне својата цел да го избрише Хамас од лицето на земјата. Решеноста на Израел да ја продолжи својата мисија за елиминирање на заканата од терористичката група за безбедноста на земјата се заснова на голем број фактори.

По ослободувањето на првата група заложници, 190 луѓе и понатаму ќе останат во заробеништво. Некои од нив ги држат исламистички групи како Исламски Џихад кои не се под директна контрола на Хамас. Сè додека постои можност за ослободување на израелските граѓани, Бенјамин Нетанјаху ќе се соочува со континуиран притисок да ја олесни воената офанзива за да спаси невини животи.

Израелските одбранбени сили постигнаа значителен напредок во текот на изминатиот месец што ќе се стремат да го задржат. По отстранувањето на голем дел од подземната инфраструктура на Хамас во северниот дел на Појасот Газа, што резултираше со уништување на 400 тунели, тие планираат да ја завршат работата со уништување на подземната мрежа и во јужна Газа.

Од израелска перспектива, идејата дека конфликтот може да заврши пред да се елиминира Хамас е неодржлива. Ако една ракета на Хамас биде истрелана кон Израел по завршувањето на воената офанзива, тоа ќе се смета за катастрофа. Кога Хамас ќе биде отстранет од равенката, на дневен ред се враќа решавањето на палестинското прашање.

Пред нападот на 7. октомври, администрацијата на Џо Бајден беше ангажирана во амбициозен дипломатски обид да ја убеди Саудиска Арабија да ги нормализира односите со Израел во замена за Саудијците да добијат безбедносни гаранции од Вашингтон. Малку е веројатно дека таков договор би можел да се склучи без да се реши палестинскиот проблем.

Една од најголемите пречки за претходните дипломатски напори да се дојде до заклучок за палестинското прашање беше неможноста на палестинските преговарачи да претстават обединет фронт, а сите нивни обиди да постигнат договор беа постојано поткопувани од нихилистичката агенда на Хамас.

Ако Израел успее да го искорени Хамас, тоа би можело да биде почеток на ново движење за решавање на палестинското прашање еднаш засекогаш.