Берово го празнува 11 Октомври – Денот на народното востание

 Во Берово со положување цвеќе пред спомен плочата на паднатите борци, оддадена почит на учесниците во НОВ од Малешево. На настанот му претходеше краток реферат со историски осврт за 11 Октомври, Ден на народното востание.

-Во чест на денот, заедно со делегации од општествениот и политичкиот живот од Општина Берово, положивме цвеќе пред  спомен плочата на паднатите борци во НОВ од Малешево, во Берово, а пред присутните беше прочитан  реферат, со историски осврт, истакна градоначалникот на Берово, Звонко Пекевски.

Датумот 11 октомври 1941, е симболот на самосвеста на македонскиот народ, историски паметник за херојството, означување на слободата, во која денес ја градиме нашата држава. Оттогаш до денес, поминаа 82 години, од денот, кога македонскиот народ организирано се крена на востание и тргна во народноослободителната војна, беше кажано во пригодниот реферат по повод значајниот датум.

На спомен обележјето на паднатите борци во Берово се испишани имињата на поголем дел од учесниците во НОВ од Малешевијата.