Бесими: Треба уште некои финеси да се дефинираат со синдикатите

Министерот за финансии Фатмир Бесими во видео интервју за МИА вели дека според климата и интензитетот на разговори со синдикатите, се блиску до постигнување на договор.

  • Мислам дека има солидна клима, меѓусебна доверба, волја за решение. Треба уште некои финеси да ги дефинираме и доколку сме со овој интензитет, прашање на денови е кога би го заокружиле прашањето со синдикатите во интерес на сите граѓани, истакнува Бесими, додавајќи дека е рационален оптимист.

Бесими посочува дека е прифатливо коефициентот да се воведе како нов модел и дека неговото врзување со просечната бруто плата, доколку се согласат со синдикатите, би се реализирано од март 2025 година. Дотогаш ќе има транзициски период во кој ќе растат платите, но со која динамика ќе биде тоа, ќе треба да се договорат заедно со синдикатите.

По последниот состанок меѓу синдикатите и Владата што се одржа во средата во Министерството за финансии, синдикатите излегоа со оптимистички изјави дека има напредок и дека ставовите на двете страни се приближуваат. И министерот за финансии е задоволен од текот на преговорите.

  • Не можам да одам во детали затоа што сеуште не се завршени преговорите, но можам да изразам задоволство од самиот процес дека сме ги доближиле ставовите. За мене поголем успех е самиот факт дека процесот е придонес кон зајакнување на меѓусебната доверба на сите страни, вели Бесими во интервјуто за МИА снимено во четвртокот. Преговорите со синдикатите продолжуваат во понеделник, а во зависност од договорот што ќе се постигне, ќе се види дали од септември ќе има потреба за ребаланс на Буџетот.

Засега, како што тврди министерот за финансии, реализацијата на Буџетот оди според планираното. Заклучно со јуни, реализацијата на приходната страна е 48,5 проценти, а на расходна страна околу 49 проценти.

  • Тоа што е добро е што и на расходната страна за 46 проценти имаме реализација на капиталните расходи што вообичаено во првата половина од годината историски гледано сме немале толку висока реализација и мислам дека тоа ќе се одрази и врз динамиката на раст, вели Бесими.