Беќировиќ: Американските санкции се оправдани, ЕУ треба да го санкционира Додик согласно резолуциите на ЕП

 – Властите на босанскохерцеговскиот ентитет Република Српска (РС) извршија брутален удар врз темелите на Дејтонскиот мировен договор и уставниот поредок на државата Босна и Херцеговина. Не треба да се потценува или релативизира антидејтонската политика. Затоа новите санкции на Соединетите Американски Држави (САД) се важна порака до сите во регионот дека развиените западни демократии го поддржуваат зачувувањето на мирот и стабилноста во Босна и Херцеговина, рече членот на Претседателството на Босна и Херцеговина, Денис Беќировиќ.

Канцеларијата за контрола на странски имот на Министерството за финансии на САД (OFAC) воведе санкции за официјални лица од Република Српска за неуставни и антидејтонски дејства. Санкциите беа изречени за Ненад Стевандиќ, Радован Вишковиќ, Жељка Цвијановиќ и Милош Букејловиќ.

„Доследно укажувам на неопходноста од санкционирање на политичарите што ги загрозуваат независноста, суверенитетот и територијалниот интегритет на Босна и Херцеговина. Толерирањето антиуставни дејства, со кои лидерите на босанскохерцеговскиот ентитет РС го загрозуваат тешко стекнатиот мир, може да има несогледливи последици, особено во контекст на последните геополитички потреси. Затоа е многу важно принципиелната политика на САД, како и Велика Британија, да ја следат и земјите од ЕУ“, рече Беќировиќ.

Тој смета дека „со воведувањето на оправданите санкции на Владата на САД кон Милорад Додик во 2017 и 2022 година, санкциите на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска од 2022 година и најновите американски санкции, јасно се маркирани клучните поединци што го поткопуваат Дејтонскиот мировен договор.

„Сега е клучен момент ЕУ да ги почитува ставовите на Европскиот парламент, кој во неколку резолуции повика на воведување санкции против режимот на Додик. Секое одложување на санкциите на ЕУ, Додик и неговите следбеници го сфаќаат како сигнал и охрабрување за продолжување на сепаратистичката политика. Регионот е на пресвртница и мора да избере меѓу воената политика на Додик и зачувувањето на мирот. Тоа го забележаа и најголемите сили на Западот и затоа правилно констатираа дека политиката на Додик ги загрозува стабилноста, суверенитетот и територијалниот интегритет на Босна и Херцеговина и тешко стекнатиот мир. Меѓународната заедница, сведоците на Дејтонскиот мировен договор и ОХР сега мора да покажат сила и единство. Речиси три децении градење мир и безбедност за сите луѓе во Босна и Херцеговина се ставени под знак прашалник од авантуристичката политика на Додик“, рече Беќировиќ.

Тој е на мислење дека „пред нас се недели и месеци во кои ќе се донесуваат одлуки за зачувување на Дејтонскиот мировен договор“.

„Ниту еден момент не треба да се залажуваме и да мислиме дека режимот на Додик ќе престане по најновите американски санкции. Следуваат нови опасни удари на Дејтонскиот мировен договор, според директните инструкции на менторите на Додик надвор од границите на Босна и Херцеговина. Мирот, безбедноста и уставниот поредок на Босна и Херцеговина мора да се бранат со сите расположливи правни и други легални средства, во согласност со националното и меѓународното право. Тоа мора да го направат, пред сѐ, институциите предвидени со Дејтонскиот мировен договор и Уставот на Босна и Херцеговина, со многу поконкретна поддршка од Западот отколку што беше случај досега“, истакна Беќировиќ.

Потврдувајќи ги сојузништвото и пријателството со САД, на сите демократски сили во Босна и Херцеговина, тој смета дека е многу важно систематски да се прекинат континуираните напади врз државата и дека по санкционирањето на поединци, се влегува во фаза во која ќе се суспендираат и механизмите преку кои се спроведуваат блокади на демократскиот развој на Босна и Херцеговина.

„На демократските сили во нашата земја им се потребни помош и поддршка од пријателските земји, пред сѐ, од оние што се собрани околу Управниот комитет за спроведување на мирот во Босна и Херцеговина, за конечно на сите граѓани да им се даде шанса да живеат во мирна и стабилна Босна и Херцеговина“, додаде Беќировиќ.