– Бројот на загинати во главниот град на Украина, Киев, од петочните руски воздушни напади насочени кон повеќе региони во земјата се искачи на 28, објавија денес украинските власти.
„За жал, телата на загинатите во ракетните напади сè уште се бараат. Спасувачите извлекоа уште едно тело од под урнатините“, објави на Телеграм Серхиј Попко, челникот на градската воена управа на Киев.
Во претходното соопштение, Попко истакна дека бројот на загинати се искачил на 27, откако под урнатините беа извлечени уште четири тела.
Нагласувајќи дека операциите за пребарување и спасување во главниот град сѐ уште се во тек, Попко рече дека во воздушните напади повредени се 30 лица.
Од друга страна, Украинската државна служба за вонредни состојби соопшти дека во текот на изминатиот ден пронашла тела на осум лица во киевскиот кварт Шевченкивски.
Најмалку 40 лица загинаа во различни региони на Украина по големите воздушни напади на руските сили во петокот, кои украинскиот претседател Владимир Зеленски ги опиша како најтешките напади досега од Москва.
По нападите, градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, изјави дека 1 јануари во главниот град ќе биде прогласен ден на жалост.