БИЛ ГЕЈТС ПОДГОТВУВА НОВИ ВАКЦИНИ, НЕМА ПОВЕЌЕ Игли: Инвестирани милиони во револуционерна технологија

Фондацијата Бил и Мелинда Гејтс инвестираше 23,6 милиони долари во американската биотехнолошка компанија „Микрон биомедикал“ за развој на вакцини без употреба на инјекции.

Новата технологија се заснова на примена на фластер вакцини со растворливи микроиглички.

Технологијата долго време ја поддржуваат здравствените експерти поради нејзиниот потенцијал да го зголеми опфатот со вакцинација против смртоносни болести .

Полесно е за транспорт и администрирање од традиционалните вакцини, особено во посиромашните земји, каде што вакцинирањето на децата останува предизвик. Сепак, зголемувањето на производството е пречка.

– Технологијата може да помогне да се отстранат клучните бариери за искоренување на сипаниците и рубеолата на глобално ниво – рече Џејмс Гудсон , научник во Одделот за имунизација во американскиот Центар за контрола и превенција на болести, партнерска институција на Микрон.

Ја елиминира потребата од ладење за време на транспортот, а примената не бара здравствен работник. Тоа може да им помогне и на оние со страв од игли , соопшти компанијата во четвртокот.

Финансирањето ќе овозможи развој на производство на десет милиони фластери годишно за поголеми клинички испитувања и поширока употреба.