Бислими: Нема избори на север додека не се укинат казнените мерки

Првиот вицепремиер на Косово и главен преговарач во разговорите со Србија поддржани од ЕУ, Бесник Бислими, во понеделникот изјави дека Косово не треба да распише нови избори во четирите северни општини додека не се укинат казнените мерки на ЕУ против Косово.

Запрашан дали има согласност од меѓународните за тоа како да се оди на избори, Бислими рече „Тоа се внатрешни работи на Косово“. Тој потврди дека владата нема да бара оставка од четворицата градоначалници на северот.

Коментирајќи ги казнените мерки воведени од ЕУ, Бислими рече дека добил ветување од специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот меѓу Косово и Србија, Мирослав Лајчак, дека со договорот од Братислава се исполнети условите за укинување на мерките.