Битиќи: Администраторите да не очекуваат дека ќе завршат со парите што ќе им се скратат на функционерите

Вработените во јавниот сектор не треба да очекуваат дека ако им се скратат платите на функционерите тие пари ќе завршат кај нив, изјави вицепремиерот за економија Фатмир Битиќи.

Битиќи смета дека ова очекување е погрешно и се сомнева дека станува збор за политичка манипулација од опозицијата.

„Тоа очекување е погрешно, а некој само сака да создаде такво очекување, бидејќи секое намалување, или ако има намалување, нема да биде доволно за да се покрие евентуалното зголемување од 135 илјади вработени во јавниот сектор, бидејќи зборуваме за Избрани и именувани 1260 луѓе. Така да, создавањето лажни очекувања е само производ на одредена политичка партија“, вели Битиќи.

Тој најави пакет антикризни мерки во кои се предвидени над 70 милиони евра, а парите од солидарниот данок што влегоа во буџетската каса одат кај граѓаните.

„Парите одат за најранливите категории граѓани. Тука спаѓаат пензионерите кои во наредните месеци ќе добиваат одреден надоместок, ученици, студенти, самохрани родители, буквално најранливите категории, опфатот ќе биде навистина голем, ќе бидат опфатени над 400 илјади граѓани. А за ова се користат средства од данокот на солидарност“, рече Битиќи.