Битиќи: Правичен начин на регулирање на платите ќе има кога ќе бидат задоволни и синдикатите, работодавачите и Владата
Праведен и правичен начин на регулирање на платите насекаде во јавниот сектор ќе имаме тогаш кога од решението ќе бидат задоволни синдикатите, Организацијата на работодавачи и Владата, истакна денеска вицепремиерот задолжен за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи.
– Работиме на општиот колективен договор и системски закон за плати за конечно да ставиме ред не само кај функционерите, туку насекаде во јавниот сектор, но и да биде праведен и правичен. Нам не е нужно да ни се зголеми платата ако на другите ние им се регулира статусот на праведен и правичен начин, рече Битиќи, одговарајќи на прашање по денешната промоција на првиот дигитален асистент во јавниот сектор АДА.
Кога ќе пронајдеме системско решение и кога сите ќе бидеме задоволни од решението, заедно со синдикатите и Организацијата на работодавачи и Владата, додаде тој, сметам дека само тоа ќе биде праведен и правичен начин на регулирање на платите еднаш за секогаш – сега и во иднина.
Во врска со платата на функционерите, Битиќи истакна дека согласно пресметката, која ја добил за исплатената плата, платата му е иста како и во претходниот месец.