– Американскиот државен секретар Ентони Блинкен кој во Скопје допатува по повод учеството на 30. Министерски совет на Организацијата за безбедност и соработка во Европа – ОБСЕ, попладнево се сретна со министерот за надворешни работи и претседавач на ОБСЕ Бујар Османи.
Со ова започнува учеството на американскиот државен секретар на состанокот на ОБСЕ. Планирано е потоа тој да учествува на неформална вечера која му претходи на Министерскиот совет, кој официјално почнува утре.
Блинкен беше пречекан од премиерот Димитар Ковачевски кој му посака топло добредојде во Скопје.
-На средбата попладнево уште еднаш ги истакнавме нашите одлични односи и разговаравме за поддршката која САД ја даваат во континуитет на Северна Македонија на нашиот пат кон полноправно членство во ЕУ и спроведувањето на потребните реформи, објави на фејсбук статусот премиерот Ковачевски.
Република Северна Македонија, се додава во објавата на социјалната мрежа, е високо ценета како НАТО сојузник, но и во регионален контекст како фактор на стабилност на Западен Балкан.
-Државниот секретар го поздрави нашето успешно претседавање со ОБСЕ и конструктивниот пристап во реализацијата на агендата и адресирањето на предизвиците со кои се соочува Организацијата, се наглаува во објвата на фејсбук статусот на Ковачевски.
Во најавата од Стејт департментот за посетата на Блинкен на Скопје се наведува дека тој ќе ја потврди цврстата посветеност на САД кон ОБСЕ и нејзината основна мисија за унапредување на безбедноста, стабилноста и соработката меѓу државите, со посебен акцент на човековите права и мирното решавање на спорови. Секретарот Блинкен, исто така, ќе ја истакне клучната улога на ОБСЕ во унапредувањето на сеопфатната безбедност во регионот и ќе и се заблагодари на Северна Македонија за нејзината лидерска улога.
Министерскиот состанок во Скопје го одбележува токму присуството на првите дипломати на САД и Руската Федерација Ентони Блинкен и Сергеј Лавров, што го прави еден од ретките настани на кој ќе се најдат двајцата на исто место од почнувањето на руската инвазија на Украина во февруари 2022 година. Засега нема најава за средба на Блинкен и Лавров.
Виш функционер на Стејт департментот, пак, денеска изјави дека не очекува американскиот државен секретар Блинкен да има каква било средба со рускиот министер за надворешни работи Лавров за време на состанокот на ОБСЕ во Северна Македонија, пренесе дописничката од Гласот на Америка од Стејт департментот.
-Не очекуваме средба, потврди функционерот од Стејт департмент на прашањето за можноста за каква било средба меѓу Блинкен и Лавров.
Блинкен од Скопје доцна вечерва заминува за Блискиот Исток . Состаноците на Лавров за време на Самитот на ОБСЕ во Севрена Македонија ќе бидат утре, наведува дописничката на Гласот на Америка од Стејт департментот.