Блинкен: САД ќе ја поддржат Македонија во нејзините следни чекори за членство во ЕУ

Премиерот Димитар Ковачевски во Скопје се сретна со американскиот државен секретар Ентони Блинкен.

На средбата Ковачевски и Блинкен уште еднаш ги истакнаа одличните односи меѓу двете земји и разговараа за континуираната поддршка што САД и ја даваат на Северна Македонија на патот кон членството во Европската унија и спроведувањето на неопходните реформи.

На средбата, премиерот Ковачевски оцени дека двете земји континуирано негуваат продуктивен политички дијалог, кој значително се продлабочи преку стратешкото партнерство на Северна Македонија и Соединетите Американски Држави.

Ковачевски и Блинкен го изразија своето заемно задоволство за почетокот на Стратешкиот дијалог меѓу Северна Македонија и САД, од кој се очекува продлабочување на пријателските односи, подобрување на меѓусебните политички, економски и други форми на дијалог, образовните и културните врски на двете земји.

САД високо го ценат придонесот на Република Северна Македонија како НАТО сојузник, но и во регионален контекст како фактор на стабилност на Западен Балкан. Државниот секретар посочи дека Соединетите Држави ќе продолжат да ја поддржуваат Северна Македонија во нејзините следни чекори, кои треба да обезбедат членство во ЕУ и изрази голема почит за храбрите и државнички одлуки што Владата ги презема за да ја постигне оваа цел.

Државниот секретар го поздрави успешното претседавање со ОБСЕ од страна на Северна Македонија и нејзиниот конструктивен пристап во реализацијата на агендата и справувањето со предизвиците со кои се соочува Организацијата.