Блинкен: „Ситуацијата во Газа е мачна, страдањето на недолжните ми го крши срцето“

 – Американскиот државен секретар Ентони Блинкен денес ги нарече „мачни“ страдањата на Палестинците во Газа во тримесечните израелски напади, додавајќи дека „мора да има друг начин“ што ќе одговори на загриженоста на Израел.

„Она што го гледаме секој ден во Газа е мачно, а страдањето што го гледаме меѓу недолжните мажи, жени и деца ми го крши срцето“, рече Блинкен во обраќањето на Светскиот економски форум во Давос, Швајцарија.

Тој ја опиша „трагедијата“ во опколениот Појас како „погубна“ и додаде: „Тоа го зајакнува моето убедување дека мора да има и дека има друг начин за решавање на најдлабоката загриженост и прашањата на Израел.“

„Израелците мора да живеат со безбедност. Тие не може да имаат повторување на 7 октомври. Ниедна земја не би прифатила да се повтори 7 октомври“, рече тој.

Од почетокот на конфликтот на 7 октомври американските власти ја истакнаа својата солидарност со Израел по прекуграничниот напад на Хамас, во кој загинаа околу 1.200 Израелци и истовремено го повикаа да ги избегне грешките што САД ги направија во врска со терористичките напади од септември 2001 година.

По тој напад Израел започна немилосрдни воени напади врз Газа што траат веќе повеќе од три месеци, предизвикувајќи меѓународна огорченост за нападите врз болници, цивили и училишта.

За време на воената кампања на Израел загинати се најмалку 24.448 Палестинци, а 61.504 се повредени. Најголем дел од жртвите се деца и жени.

Според Обединетите нации, 85 отсто од населението на Газа е веќе внатрешно раселено поради акутниот недостиг на храна, чиста вода и лекови.

– Нема преговори за прекин на огнот меѓу Русија и Украина во блиска иднина

Американскиот државен секретар рече дека не гледа никаков изглед за преговори за долгорочен прекин на огнот меѓу Русија и Украина во блиска иднина, обвинувајќи ја Русија дека таа не сака.

„Во овој момент не го гледам тоа“, рече Блинкен. „Ние сме секогаш отворени за тоа, внимателни кон тоа, но повеќе од кој било друг, украинскиот народ го сака тоа.“

„Но треба да постои подготвеност од страна на Русија да се вклучи во преговори со добра волја врз основа на основните принципи оспорени од нејзината агресија, за територијалниот интегритет, суверенитет, независност“, нагласи тој.

Блинкен даде уверување дека ако и кога Русија ќе биде подготвена да преговара на таа основа „ќе најде Украинци кои сакаат да го направат тоа и сигурно ќе најде поддршка од САД“.

Според американскиот државен секретар, рускиот претседател Владимир Путин „откако не успеа да го направи она што го зацрта, тој тргна да ја избрише Украина од мапата за да ја елиминира нејзината независност и да ја потчини на Русија“.

„Тоа не успеа, не може и нема да успее“, порача Блинкен, додавајќи дека во текот на минатата година Украина вратила повеќе од 50 отсто од територијата што ѝ беше одземена од февруари 2022 година кога Русија ја започна војната.

Руската војна против Украина влегува во својата трета година на 24 февруари.