Болтон: Ако Трамп победи на изборите надворешната политика на САД ќе биде „непредвидлива, ирационална и незауздана“

Во случај на победа на претседателските избори во 2024 година Доналд Трамп ќе продолжи со „непредвидлива, ирационална и незауздана“ надворешна политика, изјави Џон Болтон, поранешен советник за национална безбедност во Белата куќа на Трамп и поранешен амбасадор на САД во ОН. 

Во истоимен авторски текст за изданието „Хил“ објавен неделава тој анализира каква би била надворешната политика на САД под уште еден мандат на Трамп.  

– Сакав да се обидам да им опишам на луѓето како е да се набљудува кога Трамп носи одлуки за националната безбедност, рече Болтон синоќа во интервју за телевизијата „Њус нејшн“. 

Додаде дека експретседателот не се придржувал до традиционалната политичка филозофија или креиреање политички одлуки и дека сите негови дејства биле поврзани со тоа дали нешто му носи корист. 

Тој истакна дека разбирањето на овој аспект од тоа како Трамп носи одлуки е клучно во оценката за потенцијалното влијание врз американската надворешна политика. 

Во колумната тој ги изложува пропустите што ги забележал во пристапот на експретседателот кон одлуките поврзани со националната безбедност. 

Според него, преговорите за договорот на Трамп со талибанците, што подоцна беше имплементиран од претседателот Бајден, биле катастрофална грешка и компромитирачко за националната безбедност на Америка. 

Тој исто така бил загрижен и околу справувањето со Иран и ја повтори тогашната закана од распад на воената алијанса НАТО. 

-Тој не се справи ефективно со иранската закана од террризам. Тој го стави под закана постоењето на НАТО. Тој беше целосно непредвидлив во раководењето со венецуалската опозиција и нивните напори да се урне авторитарниот режим на Мадуро во Венецуела. Мислам, списокот е долг, истакна Болтон. 

Тој се обрати до некои републиканци кои сметаат дека првиот мандат на Трамп „не бил лош“. Болтон истакна дека многу од успесите припишани на Трамп се спротивставени на неговите првични намери. 

-Тие не знаат како сме дошле до таму каде сме сега. Бидејќи за многу од работите за што тие сега велат се негови достигања Трамп сакаше да оди во спротивен правец.