Борбени авиони за Украина? Тоа не доаѓа предвид! Германскиот министер за одбрана: Тие се посложени системи од главните борбени тенкови

Новоименуваниот германски министер за одбрана Борис Писториус во интервју за ,,Зидојче цајтунг” ја отфрли можноста неговата земја да испрати борбени авиони во Украина.

– „Тоа не доаѓа предвид“, одговори Писториус на прашањето дали Германија ќе испрати борбени авиони во Киев.

Прашањето беше актуелно по голем број јавни апели на украинската влада за западни борбени авиони, откако Германија одобри испорака на борбени тенкови Леопард 2 претходно оваа недела.

– „Борбените авиони се многу посложени системи од главните борбени тенкови и имаат сосема различен дострел и огнена моќ“, забележа Писториус во интервјуто.

Писториус, кој ја презеде функцијата минатата недела по оставката на неговиот претходник, исто така за весникот изјави дека германскиот специјален одбранбен фонд од 100 милијарди евра, кој беше формиран минатата година, повеќе не е доволен за покривање на одбранбените потреби на Германија, според Си-Ен-Ен.

„Тие 100 милијарди нема да бидат доволни“, рече Писториус, додавајќи дека верува оти Германија, исто така, ќе мора да го зголеми редовниот годишен буџет за одбрана, кој во моментов е поставен на околу 50 милијарди евра.

Дополнително, министерот рече дека одлуката на Германија да ја прекине задолжителната воена служба во 2011 година „е грешка“, нагласувајќи дека е отворен за дискусии за нов модел на зајакнување на односите меѓу граѓаните и државата.