Бојан Маричиќ: “Членството во ЕУ до 2030 година бара мобилизација и активно ангажирање на целокупното општество“

Вицепремиерот Бојан Маричиќ денес на средба организирана од Македонско-Американската асоцијација на алумни, ја истакна важноста од вклучување на високо квалификуваните кадри во сите области од општеството,што се голем придонес за државата, информираат од СЕП.

Тој потенцирал дека е потребно да се најде начин како тие да се вклучат во делот на реформите според поглавјата од преговарачкиот процес. 

Бојан Маричиќ посочил дека е потребно да се воспостави рамка на соработка со алумни асоцијацијата, чиј капацитет се важен ресурс во моменти на важни одлуки и процеси на водење на државата. 

Во обраќањето, се наведува во соопштението од СЕП, Бојан Маричиќ ја потенцирал важноста на соработката со сите стратешки партнери, односно важноста на стратешкиот дијалог помеѓу САД и Северна Македонија, со кој се  реафирмираат заедничките заложби за зајакнување на соработката и значајната поддршка за нашиот евроинтегративен процес.

Беше посочено дека процесот на пристапување до ЕУ бара мобилизација и активно ангажирање на целовкупното општество, особено квалификуваните и искусни професионалци. На средбата беше истакнато дека заеднички можеме да ги навигираме реформските процеси кои ќе го обликуваат патот кон ЕУ, усогласувајќи ги политиките и институциите по европски стандарди, подготвувајќи нè за полноправно членство во ЕУ“, информираат од СЕП

Вицепремиерот Бојан Маричиќ порачал дека потребно е да се покаже силна волја, одлучна акција, реален оптимизам и визија за државата и општеството. 

Поседувајќи ги сите овие елементи, потребно е да работиме заеднички и убеден сум дека ќе го оствариме стратешкиот план за приклучување во ЕУ до 2030 година“, рекол Бојан Маричиќ, се наведува во соопштението од СЕП.

Средбата ја модерирала амбасадорката на САД, Анџела Агелер, а се обратиле и министерот за надворешни работи Бујар Османи и министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска.