Бразилката Таис ја почнува Новата Година во Македонија како прилепчанка

 Бразилката Таис Дуарте Соуса Франца повеќе од два месеца е прилепчанка. Во Прилеп го пречека првиот Божик во зимски амбиент, наместо во топло и летно време како сите години досега. Кога ќе се средат документите ќе го добие и македонското државјанство, со презимето од сопругот Илија Лашкоски.

Сѐ уште ги собира искуствата и впечатоците. Секоjдневно учи за македонската клима, традцииите, начинот на живот.

Разговорот го почнуваме среде празнично расположение. Го пречека католички Божик, Новогодишните празници и православниот Божиќ. Има полни раце работа. Да го уреди својот нов дом. Да биде топол и за неа и за свршеникот, нејзиниот иден сопруг. А и за идните поколенија.

Разговорот почнува од средбата со нејзиниот иден сопруг Илија и тоа во Соединетите Американски Држави. Таму прилепчанецот Иле Лашкоски заминал да ги побара среќата и заработувачката. Откако ја здогледал Таис, животот му се насмевнал на најубав начин.

– Со Илија се сретнавме во 2018 година. Преку заеднички пријатели. Тој работеше како диспечер, јас работев со деца. Оттогаш почнавме да излегуваме заедно и пријателството и љубовта ги заокруживме со свршувачка во 2022 година. Се сретнавме во САД, сега се подготвуваме за свадба во Македонија, во 2024 година, раскажува Таис.

Според македонските поимања, зачудува фактот што двајцата се враќаат во родната земја на Илија. Ретко кој се решава на таков чекор во овие времиња кога, главно, сите сакаат да го „видат светот“.

– Во нашиов случај, ние секогаш ќе бидеме далеку од нашите фамилии. Мојата фамилија живее во Бразил, неговата овде, во Македонија. Тоа што сме во близина на едната фамилија, овде, менува многу. Ние сфаќаме дека малите нешта, квалитетот на секојдневниот живот и фамилијата се токму тие нешта кои му даваат значење на животот, вели Таис, среќна што е заедно со Илија.

Нешто повеќе од два месеца поминаа откако Таис стигна во Македонија и во Прилеп. Има сличности, вели, во традициите во Бразил и овде, во Македонија. Ама различностите го прават квалитетот во двете држави.

– Во Прилеп сум околу два месеца, ама нашиот друштвен живот е исполнет. Сфатив колку луѓето овде ги вреднуваат средбите на кафе-муабет, секој со секого се знае по улиците, се поздравуваат. И се слават многу празници. Многу е интересно да се дознаат традициите и дека тие се пренесуваат од генерација на генерација. Во Бразил сме многу големо и мешано население. На крајот се случува да загубиме многу традиции или, пак, секоја фамилија си прави своја традиција. Но, Бразилците, исто како и Македонците, обожуваат да го слават животот, да гледаат фудбал (се смее) и, многу си ја цениме кујната. Како во Бразил, а гледам така е и во Македонија. Можеби по празниците ќе се обидам да научам да приготвам нешто од македонската кујна, а и ќе пренесам и од бразилската, вели расположено бразилката Таис, од неодамна прилепчанка.

Таис е возбудена за првата своја Нова Година во новиот дом. Во Бразил секогаш ја пречекувала на плажа, овде е сосема поинаку.

-Да, ова ќе биде мојата прва Нова Година во мојот нов дом. Се чувствувам многу возбудено и среќно што ќе бидам со многу посебни и љубезни луѓе. Веројатно ќе ја славиме Новата година со пријатели. Во Бразил Нова Година е голем празник. Таму е лето и многу луѓе одат на плажа. Ние имаме традиција да носиме бела облека за да донесеме мир и да скокаме „седум бранови“ во океанот. Сега ќе учам новатрадиција – Нова година во зима, објаснува Таис.

Свршеникот, иден сопруг на Таис, Иле, среќно се насмевнува и, вели, нема што да додаде. Не сака возбудата и новите впечатоци на својата свршеничка да ги засени. Му значи таа целосно да ужива во сето што во иднина ќе биде нејзин дом. Сегаго уредува домот со свои работи од Бразил и со новите, од Македонија. Перодот е да се пронајде себе си и да го изгради нивното заедничко животно гнездо. Олеснување за враќањето во Македонија е што неговата работа е „он-лајн“ за американска компанија која во Македонија има претставништво, па не мора да живее илјадници километри од својот дом. Тоа беше пресудно Иле Лашкоски да се врати во Прилеп и со себе да ја поведе љубовта на својот живот, Таис.

Бразилката Таис штотуку го започна новиот живот во Македонија. Неодамна „скокна“ во Бразил да си ја прибере сета документација. И претстои официјализирањето во институциите во Македонија. Нека тргне среќно и бериќетно Новата Година, вели, па ќе го интензивира своето учење на македонскиот јазик.

-Имам многу желби во Новата Година и за почетокот на мојот нов живот овде во Македонија, во Прилеп. Мојата најголема желба е- здравје. И дека мојата фамилија од Бразил ќе дојде во Прилеп да нѐ посети.  Еден од моите планови во Новата Година е да почнам да го учам македонскиот јазик. Засега разбирам неколку фрази. Ниту мојот свршеник Иле не зборува португалски. Комуницираме, засега, на англиски. Јазикот никогаш не бил проблем да се разбереме, да се почитуваме, да се сакаме, го завршува нашиот разговор бразилката Таис Дуарте Соуса Франца, која од неодамна стана прилепчанка.

Со својот свршеник, иден сопруг, Илија Лашкоски го запознава и го уредува својот нов дом во екот на убавите Божикни и Новогодишни празници. Како порака за здравје и среќен почеток на заедничкиот живот.