Бразил ќе ги обнови трговските и политичките врски со Куба

– Бразил има намера да ги обнови трговските и политичките врски со Куба, изјави близок соработник за надворешна политика на бразилскиот претседател Луис Инасио Лула да Силва по состанокот со кубанскиот претседател Мигел Дијаз-Канел во Хавана.

Односите Куба-Бразил беа силни додека Бразил беше управуван од левичарската Работничка партија на Лула од 2003 до 2016 година, а се влошија во времето на претходниот десничарски претседател на Бразил, Жаир Болсонаро.

Во 2019 година, во првата година од владеењето на Болсонаро, Бразил за првпат гласаше против годишната резолуција на ОН со која се осудува економското ембарго на САД против Куба.

– Сакаме односот меѓу Бразил и Куба да биде големо пријателство, изјави советникот на Лула, Селсо Аморим во Хавана.

– Ова ќе придонесе за мир во нашиот регион, а тоа е најголемата цел на дипломатијата, заедно со економскиот раст, изјави Аморим, кој претходно беше министер за надворешни работи на Бразил.

Аморим, исто така, рече дека групи здравствени експерти и претставници на бразилскиот земјоделски сектор наскоро ќе отпатуваат за Куба.

Куба беше клучен дел од бразилската програма „Повеќе лекари“, иницијатива започната во 2013 година која регрутираше странски лекари главно за работа во оддалечените области на земјата.

Болсонаро беше критичар на програмата и ја прекина кога дојде на власт, одлука што доведе до тензии со кубанската влада.

Лула и Дијаз-Канел веќе разговараа во јуни во Париз, а кубанскиот лидер ја опиша таа средба како „братска“.