Брејвик тврди дека е депресивен, размислува за самоубиство: Неговиот психијатар ја откри неговата вистинска состојба

Ултрадесничарскиот фанатик и неонацист Андерс Брејвик, кој уби 77 луѓе во нападите во Норвешка во 2011 година, останува „многу опасен“ и треба да остане во самица во затвор, беше кажано на судењето во Норвешка.

Брејвик ја тужи Норвешка на суд во обид да ја прекине изолацијата во затвор, а исто така сака да се укинат ограничувањата во комуникацијата со надворешниот свет. Тој има право на куса изјава во судот по рочиштето, а рочиштето во судот во Осло завршува денеска.

Андреас Хетланд, претставник на Министерството за правда, во својата завршна изјава во петокот рече дека „нема основа за тврдењето дека се повредени човековите права на Брејвик“.

„Брејвик е сè уште многу опасен. Сè уште постои голема опасност тој да изврши насилство или да инспирира други да извршат насилство“, рече тој.

Како и претходните денови, Брејвик одмавна со главата несогласувајќи се со ставовите на Хетланд.

Психијатарот не мисли дека е сериозно депресивен

Брејвик за време на неговото сведочење во вторникот рече дека изолацијата за него е „кошмар“ и дека секој ден размислува за самоубиство.

Неговиот адвокат во понеделникот изјави дека неговиот клиент боледува од „длабока депресија“. Сепак, психијатарот на Брејвик вчера изјави дека не мисли дека тој е сериозно депресивен.

„Неговата состојба го мачи и се чувствува осамено. Тешко е, но мислам дека не е сериозно депресивен“, изјави Џени Хермансен пред судот.

Адвокатите на Брејвик тврдат дека Норвешка ја прекршува Европската конвенција за човекови права, вклучувајќи ги деловите во кои се вели дека никој не смее да биде подложен на „тортура или нечовечко или понижувачко постапување или казнување“.

Неговата изолација од повеќе од една деценија го остави во „заклучен свет“ со само чувари и друг затворски персонал чија должност е да држат дистанца, рече неговиот адвокат.

Судот ќе ја соопшти својата одлука во наредните недели.

Да потсетиме дека Брејвик прво со автомобил уби осум лица во Осло во 2011 година, а потоа уби уште 69, главно тинејџери, во младинскиот камп на Лабуристичката партија на островот Утоја, а ова се смета за најлошото злосторство извршено во Норвешка.

Брејвик се наоѓа во строго обезбедуваниот затвор Рингерик, 70 километри северозападно од Осло, а просторот што го користи има соба за вежбање, кујна, ТВ соба и бања, а му е дозволено да чува три папагали како домашни миленици кои слободно летаат во собата. Ројтерс пренесува повикувајќи се на локална агенција.