Бројката на загинати во земјотресот што го потресе Мароко се зголеми на 1.037, повредени се 721 лица
– Во разорен земјотрес со интензитет од 7 степени според Рихтер кој го потресе Мароко, животот го загубија најмалку 1.037 лица.
Геолошкиот завод на САД објави дека епицентарот на земјотресот, кој се случи во 23:10 часот по локално време, бил 75 километри југоисточно од Маракеш, на длабочина 18,5 километри.
Најмалку 1.037 лица загинаа, а 721 се повредени во силниот земјотрес кој го потресе Мароко, соопшти денес мароканското МВР.
Смртни случаи во земјотресот со магнитуда од 7 степени се забележани во повеќе региони, вклучувајќи ги и провинциите Ал Хауз и Маракеш, како и во градовите Азилал, Уарзазат, Тароудант и Чичауа.
Ова е најсилен земјотрес што ја потресол оваа северноафриканска земја во последните 100 години, соопшти Националниот институт за геофизика на Мароко.
Ситуацијата е посебно тешка во регионот Маракеш, каде бројни згради се урнати и голем број жители се под урнатините.
Земјотресот, исто така, се почувствува и во соседните земји Алжир и Мавританија.
Спасувачките екипи ги пребаруваат урнатините во потрага по преживеани.
На социјалните мрежи луѓето објавуваат фотографии на сограѓани како излегуваат на улиците по земјотресот, како и од моментите на уривање на зградите.