Лидерите на Г20 постигнаа консензус и повикаа на мир во Украина

– На самитот на Г20 денес е постигнат консензус и усвоена е декларација од Њу Делхи, со која се повикува на мир во Украина, а од државите се бара да избегнуваат употреба на сила за заземање на територии.

Премиерот на Индија, Нарендра Моди, домаќин на Самитот, рече дека е усвоената декларација на лидерите учесници на самитот кој се одржува овој викенд во Индија, а на кој не учествуваат претставници на Русија и Кина.

„Благодарение на напорната работа на нашиот тим, постигнат е консензус околу Декларацијата на самитот на лидери на Г20 од Њу Делхи. Мојот предлог беше да се усвои оваа декларација“, наведе Моди.

Г20 е поделен околу војната во Украина, а Запад се залагаше за осуда во декларацијата.

„Ги повикуваме сите држави да ги почитуваат принципите на меѓународното право, вклучувајќи го и територијалниот интегритет и суверенитет, меѓународното хуманитарно право и мултилатералниот систем кој го чува мирот и стабилноста“, се наведува во декларацијата.

Во продолжение се вели:

„Ги поздравуваме релевантните и конструктивни иницијативи кои го поддржуваат сеопфатниот, праведен и траен мир во Украина“.

Се наведува дека „употребата или заканата со употреба на нуклеарно оружје е недозволиво“.

Лидерите исто така ги истакнаа „човечкото страдање и негативните последици од војната“ кои започнаа во 2022 година, од аспект на глобалната прехранбена и енергетска сигурност, инфлација и раст, и повикаа на имплементација на Црноморската иницијатива за жито, за да се обезбеди „моментална и непречена испорака на жито, прехранбени производи и ѓубриво од Русија и Украина“.

„Ова е неопходно за да се задоволи побарувачката во земјите во развој и најнеразвиените земји, особено во Африка“, се вели во декларацијата.

На 17. јули, Русија го прекина своето учество во Црноморската иницијатива за жито, која беше потпишана со посредство на Туркије и Обединетите нации, со цел да продолжи извозот на жито од три украински пристаништа на Црното Море, транспор кој запре по почетокот на руско-украинската војна во февруари 2022 година.

Москва континуирано се жали дека Западот не ги исполнил неговите обврски од договорот и дека Русија има ограничувања за плаќањето, логистиката и сигурноста на испораките на храна и извозот на ѓубрива, додавајќи дека не се испорачува доволно украинско жито во земјите на кои им е потребно.

Во декларацијата се наведува дека лидерите нагласиле дека е потребно да се реши ранливоста на долгот во земјите со низок и среден приход на „делотворен, сеопфатен и систематски начин“, поддржувајќи го предлогот за „регулација и надзор“ на криптовалутите, а одлучни се и да ги поттикнат напорите за тројно зголемување на обновливата енергија во глобалниот капацитет. Повикаа на забрзани напори кон „постепено намалување на користењето на енергија од јаглен“.

Тие се обврзаа дека „итно ќе ги забрзаат акциите за решавање на еколошката криза и предизвици, вклучувајќи ги и климатските промени“.

Г20 ја поздрави Африканската унија како постојана членка и ја нагласи силната поддршка за континентот.

Во соопштението се наведува дека Бразил ќе биде домаќин на самитот 2024 година, Јужна Африка 2025, а САД 2026 година.