– Бројот на загинати во силните земјотреси во Јапонија се искачи на 48, при што земјата распореди војници за спасувачки и хуманитарни операции.
Според државната телевизија НХК, сите 48 лица се загинати во префектурата Ишикава, лоцирана покрај морскиот брег на островот Хоншу.
Се додава дека голем број луѓе се повредени во префектурите Ишикава, Ниигата, Фукуи, Тојама и Гифу.
Министерството за одбрана на земјата соопшти дека ги мобилизирало копнените, воздушните и поморските сили и распоредува околу 10.000 војници во погодената префектура за операции за спасување, помош и поддршка.
Јапонија беше погодена од повеќе земјотреси вчера попладне (по локално време) со магнитуда од дури 7,6 степени, што предизвика предупредување за цунами, голем пожар и бранови високи четири метри.
Предупредувањето за цунами подоцна беше укинато од страна на властите.
Многу куќи и патишта се разурнати, а железничките услуги по земјотресите беа прекинати.
Стотици луѓе се евакуирани на побезбедни места.
Луѓето беа блокирани во зградите во градот Ваџима во префектурата Ишикава, а пожарникарите сè уште се обидуваат да ги лоцираат.
Околу 200 објекти, меѓу кои продавници и куќи, изгореа околу популарната туристичка улица Асаичи.
На видеата и фотографиите што ги објави НХК се гледа дека многу куќи низ префектурата Ишикава се урнати, а мали чамци се превртени во водите на брегот.
Околу 500 патници останаа блокирани на аеродромот Ното во префектурата, а земјотресите предизвикаа голема штета на зградата на терминалот и пистата, а оштетени се и патиштата.
Според јапонската агенција за геопросторни информации, земјотресите можно е да го поместиле земјиштето во регионот Ното до 1,3 метри на запад.