Бројот на загинати во земјотресот во Кина се искачи на 131, спасувачите се борат и со студот

 – Акциите за спасување продолжуваат во северозападните провинции на Кина погодени од земјотресот, а бројот на загинати се искачи на 131, објавија денес кинеските медиуми.

Земјотрес со магнитуда од 6,2 степени ја погоди Кина околу 23:59 часот по локално време во понеделникот, со епицентар во населено место во автономната област Џишишан во провинцијата Гансу, на околу 101 километар од главниот град на провинцијата Ланжу.

Земјотресот ги погоди густо населените места во време кога луѓето спиеја.

Според новинската агенција Синхуа, 113 лица загинале во Гансу, додека 18 во провинцијата Ќингхаи.

До синоќа, од урнатините спасени се 74 луѓе, додека повеќе од 4.000 се евакуирани.

Над 780 лица се повредени во земјотресот, а некои од нив се во критична состојба во болниците.

Ова е најсмртоносниот земјотрес што ја погодил Кина од 2014 година, кога земјотрес со магнитуда од 6,5 степени го погоди округот Лудијан во југозападната провинција Јунан, при што загинаа најмалку 617 луѓе, додека 112 се водеа како исчезнати.

Очевидци рекоа дека многу куќи, патишта и инфраструктурата во регионот се оштетени, и дека во многу села има прекини на струјата и водата.

Локалните власти соопштија дека сообраќајот е повторно пуштен на сите автопати што ги поврзуваат областите тешко погодени од земјотресот.

Стотици спасувачи се борат со последователните потреси и со студеното време со цел да спасат евентуални преживеани, а температурите паднаа под 10 степени Целзиусови.

Хуманитарните работници продолжуваат со своите активности за обезбедување помош, од облека, кревети на преклоп, шатори, печки и прехранбени производи за луѓето погодени од земјотресот.