Бројот на загинати во израелските напади врз Газа порасна на 4.137

 – Бројот на загинати во израелските бомбардирања на Газа порасна на 4.137, соопштија денес претставници од Министерството за здравство во опколената енклава.

Бројот на повредени се искачи на 13.300, изјави на прес-конференција портпаролот на Министерството, Ашраф Кудра, и додаде дека над 1.000 се водат како исчезнати.

Најмалку 16 палестински христијани се меѓу загинатите во синоќешните директни израелски напади врз грчката православна црква во градот Газа.

„Седум болници во Појасот Газа се целосно надвор од функција поради израелските напади“, истакна Кудра.

Конфликтот во Газа, која е под израелско бомбардирање и опсада од 7 октомври, започна кога Хамас ја почна операцијата „Поплава Ал Акса“, ненадеен напад со низа лансирања на ракети и инфилтрирање во Израел преку копно, море и воздух. Хамас наведе дека операцијата е одмазда за упадите во џамијата „Ал Акса“ и зголеменото насилство од страна на еврејските доселеници врз Палестинците.

Потоа израелската војска ја започна операцијата „Железни мечеви“ кон позициите на Хамас во Појасот Газа.

Официјални претставници соопштија дека во Израел досега загинале над 1.400 лица.