Иницијатива да профункционираат големите спортски сали во Прилеп

Спортските клубови, здруженија, граѓаните во Прилеп со иницијатива: Агенцијата за спорт и млади да помогне и да посредува меѓу ЈП за станбен простор, кое стопанисува со Универзалната сала во градот, и локалната самоуправа која би ја ставила во функција.  Велат дека градот е без спортски сали, иако пред повеќе децении имаше две големи: Универзалната кај Тутунскиот комбинат и салата „Македонија“ кај Паркот на Револуцијата.

Рубинчо Седлоски, спортски работник, вели дека околу 10 години е затворена Универзалната сала. Потребни се некои доработки и да биде во  функција за здруженијата, клубовите зашто градот вака го губи епитетот „спортски“.

-Сите спортски клубови, здрженија имаме иницијатива која сакаме да ја доставиме до Агенцијата за млади и спорт. Бараме Агенцијата да биде медијатор помеѓу прилепската локална самоуправа со Јавното претпријатие за станбен простор кое во овој момент стопанисува со Универзалната сала кај Тутунскиот комбинат. Прилеп со спортска инфраструктура е слепо црево во државава. Мораме некоја иницијатива да покренеме за сите овие спортски објекти полека да се вратат во првобитната положба и да се отворат за спортистите и спортските клубови. Во Прилеп се преку 20 спортски школи, повеќе клубови, но немаме ниту една сала за одржување натпревари, освен две училишни сали. Салата „Македонија“ повеќе од 20 години нема технички прием, не е во функција ниту спортскиот комплекс „Маркови кули“. Како град немаме спортски објект за да го развиваме колективниот спорт, објаснува Седлоски.

Се смета дека Универзалната сала најбрзо може да се стави во функција. Треба само да се зацврсти балконот на влезот во салата.

Здравко Ристески, претседател на Сојузот на училиштен спорт, е уверен дека големи се придобивките од ставањето во функција, барем на Универзалната.

– Потребна ни е спортската сала. Моментно, преоптоварени се училишните сали, ама и недоволни. Посебно е чувството кога се одржуваат ракоменти, кошаркарски и други натпревари во големата спортска сала, смета Ристески.

Данаил Доблески, претседател на кошаркарски клуб од Прилеп, изјави дека поради неможноста за тренинзи се во трета лига, а има повеќе повреди кај спортистите.

– Можевме само да тренираме во спортската сала во ОУ „Добре Јованоски“, а поради пандемијата, беше затворена. А и поголема е можноста за повреди кај децата. Друго е да се тренира на паркет во сала, рече Доблески.

Киро Здравески, селектор на ветеранската џудо репрезентација, нагласува дека градот ќе има и економски бенефит.

– Многу е битно градот да има спортска сала. Да продолжат спортските успеси, но е битно и за економскиот развој.Ќе носиме екипи од државата и од странство за меѓународни натпреварувања, а со тоа ќе се подобрува и економијата во градот, додаде Зравески.

Градоначалникот на Прилеп Борче Јовчески ветува дека ако локалната самоуправа стопанисува со Универзалната сала ќе ја подготви за да биде функционална.

– Доколку можеме да стопанисуваме со Универзалната сала, ќе ја оспособиме и салата „Македонија“. Ќе направиме за брзо да профункционира Универзалната. Подготвени сме да се зафатиме со тоа. Но ќе видиме што ќе биде, вели Јовчески.

Ситуацијата е комплицирана со салата „Македонија“ која е под Јавното претпријатие за стопаниосување со спортски објекти.