Бугарски војници ќе учествуваат во мисијата на ЕУ за воена помош за Украина

Владата на Бугарија ја прифати одлуката на Парламентот за обезбедување воена и воено-техничка поддршка на Украина, со која се овластува учество на воен персонал од вооружените сили на Бугарија во мисијата на ЕУ за воена помош за Украина (European Union Military Assistance Mission in Ukraine – ЕУМАМ), јави бугарската новинска агенција БТА.

Во мисијата ќе учествуваат  еден штабен офицер; до пет војници (офицери/водници) во мултинационалната команда на ЕУ за општа воена обука во Република Полска и/или Мултинационалната команда за специјална обука во Сојузна Република Германија; до 50 лица воен персонал за обука за користење на оружјето и опремата обезбедени во рамките на ЕУМАМ, на територијата на земјите-членки на ЕУ.

На 9 декември 2022 година Парламентот одобри испраќање воена и воено-техничка поддршка за Украина. „За“ гласаа 148 пратеници, „против“ – 46, а „воздржани“ – еден.

Обемот и видот на вооружувањето што Бугарија ќе и го обезбеди на Украина се класифицирани.