ВИДЕО | БУРАТА “ДАНИЕЛ“ ЈА ОПУСТОШИ И ЛИБИЈА – Се стравува дека може да има илјадници мртви: Градовите под вода, жителите во паника
Најмалку 150 луѓе го загубија животот во силно невреме и силни поплави во источниот либиски град Дерна во изминатите два дена, а се стравува дека вкупниот биланс на жртви е поголем.
Силната бура што ја погоди источна Либија можеби однесе илјадници животи, предупредија во понеделникот високи либиски функционери.
Назначениот премиер и министер за финансии на една од ривалските Влади во Либија, Осама Хамад, вели дека можеби загинале повеќе од 2.000 луѓе, во изјава за телевизиската станица Al-Masar. Тој додава дека некои градови се целосно уништени.
Но, воен претставник во најтешко погодениот регион вели дека бројот на загинати е многу поголем и предупреди дека неколку илјади луѓе се уште се водат како исчезнати.
Портпаролот на Либиската национална Армија (ЛНА), генерал-мајор Ахмед ал-Мисмари, изјавил дека само во источниот град Дерна загинале околу 2.000 луѓе. Меѓу 5.000 и 6.000 лица се сметаат за исчезнати, додава тој на прес-конференцијата.
Бројот на загинати најверојатно ќе биде поголем, велат медицински извори во Дерна. Две брани во градот се урнати, објави градскиот совет на социјалната мрежа Фејсбук.
Во Либија две Влади се борат за власт. Едната во Триполи, на запад, предводена од Абдул-Хамид Дбеибех, а другата на исток, поддржана од Калифа Хафтар.
Погледнете ги последиците од невремето ОВДЕ.
Снимките објавени на социјалните мрежи покажуваат луѓе на покривите на возилата откако бурата „Даниел“ ги погоди Бенгази, Суза, Ал Бајда, Ал Марџ и Дерна, град на Средоземното Море на околу 250 километри источно од Бенгази.
„Регистриравме најмалку 150 смртни случаи по уривање на згради. Очекуваме бројот на загинати да се искачи на 250. Ситуацијата е катастрофална“, изјавил Каис Факери од Црвената полумесечина за медиумската агенција Reuters.
Бројот на жртвите во другите области не е веднаш познат.
„Спиевме и кога се разбудивме, сфативме дека водата ја опкружува куќата. Внатре сме и се обидуваме да излеземе“, изјавил за Reuters телефонски во понеделникот Ахмед Мохамед, жител на Дерна.
Седум членови на Либиската национална Армија (ЛНА) се исчезнати, изјави нејзиниот портпарол Ахмад Мисмари. Армијата е предводена од Калифа Хафтер, кој управува со источниот крај на поделената земја.
Возилата биле однесени од силни поплави, што може да се види на снимката на телевизијата Almostkbal од источниот дел на земјата. Каналот објави и фотографии од урнатиот пат меѓу Суза и Шахат, каде што се наоѓа археолошкиот локалитет на античката грчка колонија Кирена, вклучена во списокот на светско наследство на УНЕСКО.
Очевидци велат дека нивото на водата во Дерна се искачило на три метри.
Парламентот во источна Либија прогласи тридневна жалост. Абдулхамид ал-Дбеибах, премиерот на привремената влада во Триполи, исто така, прогласи тридневна жалост во сите погодени градови, нарекувајќи ги „подрачја на катастрофа“.