Вака е денеска во Газа: мештаните немаат каде да се сокријат, мртовечниците полни, сè е срушено (ВИДЕО)

Тоа е мала и окупирана енклава во која живеат 2,3 милиони луѓе

Израел веќе четири дена интензивно го бомбардира појасот Газа по крвавиот напад на Хамас за време на викендот

Досега се убиени најмалку 830 Палестинци, меѓу кои и деца, а повеќе од 4.250 луѓе се повредени. Од друга страна, повеќе од 1.008 луѓе се убиени во Израел, а најмалку 3.418 се повредени.

Кога Израел изврши повеќе од 200 воздушни напади врз Газа, Палестинците немаа каде да се сокријат. Тоа е мала и окупирана енклава во која живеат 2,3 милиони луѓе.

-Побегнав од дома во 1 часот по полноќ со сопругата и детето. Сакавме да ги избегнеме бомбите, за да не чекаат на друго место. Сите бевме изненадени, пламени беа насекаде околу нас. Нема безбедно место за да ја скриете главата во Газа – изјави Шади ал Хаси за Ал Џезира.

Паника владеела и во болницата Ал-Шифа во градот Газа, каде медицинските работници и членовите на семејството притрчале да им помогнат на ранетите, меѓу кои има и многу деца.

Лекарите се преоптоварени со работа.

– Во дворот на болницата има бел шатор, импровизиран продолжен дел од мртовечницата, бидејќи веќе немаат каде да ги стават телата. Некои семејства брзо ги подигнаа телата на своите најблиски за да направат простор за другите. Нема погреби поради постојаното бомбардирање – изјави репортерот на Ал Џезира.

Опсадата на Газа е воено злосторство

Израел во понеделникот објави дека започнува целосна блокада на Газа со што се спречува испораката на вода, храна, гориво и електрична енергија. Таквата опсада, чија цел е гладување на народот, е воено злосторство според статутите на ОН.

Вработените во болницата посочија дека има недостиг од лекови, потрошен материјал и опрема, додека прекинот на струја само ја надополнува тешката состојба.

Во последните два дена Газа имаше струја само четири часа. Од електраната најавија дека потоа можат да работат уште најмногу два дена.

Во меѓувреме, израелската војска во вторникот соопшти дека ја вратила целосната контрола врз областите околу Газа. Портпаролот на израелските одбранбени сили (ИДФ) Даниел Хагари рече дека единиците ги расчистуваат областите и ги поправаат дупките во утврдувањата на границата со Газа, направени од борците на Хамас во саботата наутро, кога ја нападнаа израелската територија..

Во близина на Газа, во израелскиот град Ашдод, на секои неколку минути се слушаат експлозии.

  • Овде можете да ги видите и слушнете знаците на војна – изјави новинарот на Ал Џезира, Роб Рејнолдс.

Израелската армија повика 300.000 резервисти, предизвикувајќи стравувања дека се подготвува за копнена инвазија на Газа.

Хамас, пак, се закани дека ќе убие по еден заложник за секоја урната палестинска куќа.

Инаку, израелската блокада на Појасот Газа, во сегашната форма, трае од 2007 година. Израел го контролира воздушниот простор на Газа и нејзините територијални води, како и два од трите гранични премини. Египет го контролира третиот граничен премин.