Вака изгледа Газа: Израел нема милост, повеќе од 500.000 луѓе во тотален мрак, одекнуваат деструктивни екаплозии (ФОТО/ВИДЕО)

Израелската војска во понеделникот изврши еден од најголемите бранови воздушни напади врз Хамас во опколениот Појас Газа.

Локалните медиуми објавија дека Израел погодил повеќе од 1.000 цели во Газа. Погодени се станбени згради, џамии, универзитет, болница, телекомуникациски објекти…

Израелски беспилотни летала постојано го надлетуваат градот додека од урнатините на уништените згради се издигаат облаци чад. На видеата кои кружат на социјалните мрежи може да се види дека градот кој вообичаено брои околу 600.000 жители е во мрак, а постојано одекнуваат разорни експлозии.

Израелската армија објави дека ја завршила евакуацијата на областите што граничат со Појасот Газа и дека борците на Хамас повеќе не влегуваат во земјата.

– Ја завршивме евакуацијата на заедниците на границата со Појасот Газа. Ниту еден член на Хамас не може да влезе во Израел – изјави портпаролот на израелската армија бригаден генерал Даниел Хагари.

Повеќе од 73.000 Палестинци кои живеат долж источните региони во близина на израелската граница ги напуштија своите домови во изминатите 48 часа за да се засолнат во бегалските кампови на Обединетите нации.

Групата за човекови права ,,Хјуман рајтс воч” го нарече „одвратен“ повикот на израелскиот министер за одбрана Јоав Галант за воведување целосна опсада на Газа, што подразбира прекинување на снабдувањето со храна и електрична енергија.

– Лишувањето на населението од храна и струја на окупираната територија е колективна казна, тоа е воено злосторство, употреба на гладот ​​како оружје за војна. Меѓународниот кривичен суд треба да го земе предвид овој повик да се изврши воено злосторство – изјави директорот на ХРВ за Израел и Палестина Омар Шакир.

Mохамед Абу Мугасеб, медицински службеник за Лекари без граници во Газа, предупреди дека здравствениот систем би можел да пропадне во наредните денови поради прекините на струјата наметнати од Израел.

– Прекини има и во телекомуникациите и интернетот. Мислам дека ситуацијата во болниците ќе пропадне. Нема безбедно место во Газа. Цивилите кои се повредени или убиени се колатерална штета и наскоро ќе станат само бројки и дополнителни бројки – рече Абу Мугасеб додека во позадина се слушаа експлозии.

Bо понеделникот, да потсетиме, Хамас се закани дека ќе почне да убива израелски затвореници доколку не престанат нападите врз цивилни објекти. Меѓутоа, израелската армија соопшти дека нема намера да запре.