Велковски без конкретни информации излегува со лажни обвиненија, велат од кабинетот на Тренчевска

„Повторно министерот без да има конкретни информации со завршени записници, факти и докази излегува во јавност и се користи со лажни обвиненија, кои инаку се дел од информациите на тековно работење на министерството“, се наведува во демантот испратен од кабинетот на Тренчевска.

Од кабинетот на дополнителната заменик-министерка за труд и социјална политика Јованка Тренчевска како непотребна и лажна ја оценуваат денешната прес-конференција на техничкиот министер од овој сектор, Ѓоко Велковски, на која, како што велат, имало информации кои не се плод на неговата работа.

„Повторно министерот без да има конкретни информации со завршени записници, факти и докази излегува во јавност и се користи со лажни обвиненија, кои инаку се дел од информациите на тековно работење на министерството“, се наведува во демантот испратен од кабинетот на Тренчевска.
Оттаму додаваат дека Тренчевска во јануари потпишала меморандум за соработка со Министерството за внатрешни работи (МВР) за размена на податоци за поседување на моторно возило во реално време.

„Ваквиот меморандум кој стапи на сила од февруари е мерка за превенција од злоупотреба на системот за социјална заштита. Конкретно Велковски се служи со информации кои се дел од транспарентните одлуки на Тренчевска. Тука не се работи за непостапување на службениците од социјална заштита, туку за замајување на јавноста со нерелевантни податоци и засенување на видливите резултати од одлуките донесени од страна на СДСМ“, се додава во демантот.

Пред потпишувањето на меморандумот, додаваат од кабинетот на Тренчевска, податоците со МВР беа разменувани на месечно ниво со доставување на барање за проверка на информациите.

Од кабинетот на дополнителната заменик-министерка за труд и социјална политика објаснуваат дека според Законот за социјална заштита, секогаш кога ќе се утврди бесправна исплата на правата од социјална заштита лицата ги враќаат средствата. Истата пракса, додаваат оттаму, ќе се спроведе и ако министерот најде какви било неправилности за исплата на гарантирана минимална помош и социјална пензија.