Венко Филипче е единствениот кандидат за претседател на СДСМ за партиските избори на 16 март

Претседателот на СДСМ Венко Филипче е единствениот кандидат за претседател на партијата на редовните внатрепартиски избори што ќе се одржат на 16 март 2025 година, утврди Централната изборна комисија.

Комисијата одржа седница на која беа разгледани поднесените кандидатури за претседател на СДСМ и утврдување на листата на кандидати за редовните внатрепартиски избори.

„Врз основа на Статутот на СДСМ и член 9 од Уредбата за критериумите, начинот и постапката за кандидирање и избор, Централната изборна комисија ја утврди единствената листа на потврдени кандидати за претседател на СДСМ: 1. Венко Филипче“, соопштија денеска од СДСМ.

Одлуката на Комисијата ќе биде објавена на веб-страницата на СДСМ заедно со програмата на кандидатот и ќе биде доставена до сите општински изборни комисии.

СДСМ, велат, е единствената партија во државата во која членството избира лидер на непосредни внатрепартиски избори, што, нагласуваат, говори за демократскиот капацитет и на партијата и на нејзините членови.