“Веќе нема сомнеж која беше целта на Кинезите”, во балонот имало шпионска опрема. Детали за операцијата на авионот U2

Според Американците, Кина ги користела овие балони за иста цел во повеќе од 40 земји на пет континенти.

Кинескиот балон, кој леташе над Северна Америка повеќе од една недела пред да биде соборен над Атлантскиот Океан, носел опрема способна за пресретнување и геолокација на комуникациските канали, тврди американската влада.

Висок претставник на Стејт департментот во четвртокот изјави дека опремата веднаш била идентификувана од шпионски авион U2 испратен да ја испита содржината на балонот, кој подоцна бил соборен во близина на државата Јужна Каролина, пишува Гардијан.

“Опремата на балонот очигледно била наменета за разузнавачки надзор и не била конзистентна со опремата на метеоролошките балони. Понатаму, балонот имал повеќе антени и бил опремен со соларни панели доволно големи за да ја генерира потребната енергија за работа со повеќе активни сензори за собирање разузнавачки информации”, изјави неименуваниот функционер.

Кина користела такви балони за собирање разузнавачки информации во повеќе од 40 земји на пет континенти, според Американците.

Американската администрација размислува за санкции против инволвираните, што најверојатно значи пред се против производителот на балони, кој, според Стејт департментот, е “официјален снабдувач” на Кинеската Народноослободителна армија.

“Ние исто така ќе разгледаме поопсежни активности за разоткривање и решавање на активностите за надзор на Народна Република Кина, кои претставуваат закана за нашата национална безбедност, нашите сојузници и партнери”, соопштија САД.

Војската на САД нема овластување да собира разузнавачки податоци во рамките на САД, така што авионот U2 доби специјално овластување да спроведе операција за истражување на балони.