ВИДЕО | “ДОВИДУВАЊЕ ПРИЈАТЕЛИ!“ – Заврши големата посета на Ким Џонг Ун на Русија: Лидерот на Северна Кореја доби ‘опасни’ играчки на подарок

Лидерот на Северна Кореја, Ким Џонг Ун, ја заврши повеќедневната посета на Русија. На последниот ден од посетата, тој на подарок од гувернерот на областа Приморје (Далечниот Исток на Русија), Олег Кожемјак, доби панцир и комплет дронови, произведени во регионот.

Гувернерот му подари на Ким Џонг Ун комплет оклопна заштита за нападни операции. Станува збор за панцир со заштитни зони за градите, рамената, грлото и препоните и е многу полесен од неговите конкуренти на пазарот. Направен и произведен е во Приморскиот крај“, соопштија од прес-службата на Регионалната Влада.

Лидерот на Северна Кореја на подарок доби пет беспилотни летала и извидувачки дрон со функција за вертикално полетување. Овие дронови се произведуваат и во Приморје. Дополнително, на „почитуваниот гостин“ му беше врачен комплет специјална облека која е невидлива за термалните транспортери, а видеото од оваа церемонија можете да го погледнете ОВДЕ.

За време на посетата на оваа руска област, Ким Џонг Ун престојуваше на аеродромот Књевичи, каде што беше пречекан од министерот за одбрана Сергеј Шојгу.

Нему му беа претставени модерни авиони на воздухопловните сили на Руската Федерација, рускиот ракетен систем „Кинжал“, со кој е вооружен авионот MiG-31I.

Севернокорејскиот лидер исто така ја посети фрегатата на Пацифичката флота „Маршал Шапошников“ во заливот Улис. Во саботата го гледаше и балетот „Заспаната убавица“ на сцената во оваа руска област.