ВИДЕО | ДРАМА ВО ТУРЦИЈА – Страшна експлозија потресе големо пристаниште – изгоре складиште за жито: “Мислевме дека е силен земјотрес…“
Најмалку девет лица се повредени по силна експлозија во складиште за жито во турското пристаниште Деринче во понеделникот попладне.
Причините за експлозијата во пристаништето, кое се наоѓа во близина на Истанбул, засега се само шпекулации.
Очевидци изјавиле за турските медиуми дека ударот на експлозијата бил силен и резултирал со густ облак од чад и прашина што го зафатил поголемиот дел од небото на тој простор.
„Мислевме дека е силен земјотрес“, изјавиле сведоци на настанот за тамошните медиуми.
На местото на настанот веднаш биле испратени пожарникари и екипи на итната помош.
Гувернерот на провинцијата Коџаели, Седар Јавуз, изјавил дека експлозијата се случила во 14 часот и 40 минути по локално време.
„Првите проценки покажуваат дека експлозијата настанала поради компресија на прашина од пченица при префрлање на пченицата од бродот до силосот“, рекол тој и додал: „Ни беше кажано дека тоа е можно, но истрагата ќе ја покаже вистинската причина за експлозијата“.
Турските медиуми јавуваат дека се оштетени 13 силоси и помошни објекти.